Детската болница Козле со нова опрема и сертификат за акредитација


Нова софистицирана опрема која вклучува и рендген апарат наменет за снимање деца, кој нема зрачење како рендген апаратите за возрасни, доби Детската болница Козле, која се стекна со сертификат за акредитација од Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи и стана институција која ги задоволува сите стандарди за дејноста која ја извршува.

По тој повод, болницата денеска ја посети министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека во изминатиов период во болницата била донирана опрема од Јапонската амабасада, но била набавена и специјална радиолошка опрема.

– Во рамките на болницата функционира и Центарот за цистична фиброза кој е единствен од ваков тип на Балканот, затоа што ги исполнува сите европски стандарди, посебно опремени соби со специјална изолација, посебно опремена интензивна нега и посебни техники на бронхоскопија и снимање кои се имплементираат само во оваа болница, посочи Филипче.

Потенцира дека во празниот и неопременет блок планираат да инвестираат и да направат Центар за палијативна нега на деца.

– Тоа се деца со најтешки болести и многу често им треба некаква форма на продолжено лекување. Сметаме дека ова е идеално место и дека дополнително со зајакнување на кадарот кој ќе работи во болницата во Козле и Палијативниот центар ќе стане единствен центар во регионот кој дава таква услуга, додаде Филипче.

Директорот на Детската болница Козле, Ангелчо Андоновски рече дека новата опрема ќе значи еден вид давање комплетна услуга на децата.

– Се избегнуваат оние несакани моменти на губење време кога е најпотребно за да биде укажана помош на децата, кои добиваат комплетна лабораториска услуга и прегледување, дури и оние најголемите интервенции кои се потребни, а и целосна и комплетна ехографска и рендгенолошка обработка односно правилно дијагностицирање, рече Андоновски.