Десет африкански пингвини напролет доаѓаат во Скопје


Десет пингвини од расата блек фут напролет ќе дојдат во Скопје од Виенската зоолошка градина. Пингвините се со африканско потекло и можат да живеат и во топли и во ладни услови. Дотогаш, за нив ќе се доизгради живеалиштето кое ќе има и затворен и отворен дел.

Директорот на Скопската зоолошка градина Ѓорѓи Галетановски вели дека во затворениот дел од нивното живеалиште ќе има минусни температури и ќе биде затворено со непробојни стакла. Во отворениот дел ќе има базен, а ќе можат да излегуваат и да влегуваат кога сакаат.

„На овие пингвини не им пречи да поминат одредено време на топло, па заради тоа ќе имаат вратички меѓу затворениот и отворениот дел низ кои ќе можат самите да поминуваат. Доизградбата на живеалиштето чини околу 220.000 евра, а во моментов со Градот Скопје и со неколку фирми се преговара да се обезбедат средствата“, вели Галетановски.

Виенската зоолошка, вели Галетановски, веќе чувала десет пингвини кои требале да ѝ се донираат на нашата. Но, затоа што нивното живеалиште не било навреме завршено, тие заминале во други градини. Сега се повторно информирани дека напролет ќе треба да ни испратат нови. Во меѓувреме, во Виена ќе се обучат и нивните негуватели.

Во октомври ќе пристигнат и четирите шимпанза, меѓу кои и Коко. Во плановите на Скопската зоолошка е и набавката на десет фламинга, како и слоновите, кои наскоро ќе пристигнат од Брисел.

Сања Наумовска