(Де)поларизација


Александар Кржаловски

 

Завчера, 6 ноември, согласно со фамозното правило „првиот вторник, по првиот понеделник во ноември“, се одржаа избори за целиот состав на Долниот дом на Конгресот со 435 места и делумни избори за Горниот дом – Сенатот, за кој се избираа 35 сенатори, од вкупниот број од 100 места. Покрај тоа, се одржуваа и избори за гувернери на сојузните држави, како и мноштво референдуми за разни прашања во поединечните држави (пр. за легализација на марихуаната за медицинска или рекреативна употреба; измени во изборните правила, како автоматска регистрација на гласачите, дозвола за гласање на осудени лица, измена на границите на изборните окрузи, па сè до предлози за измена на самиот систем на гласање и определување на резултатите; па сè до прашања за абортус, (правен) статус на неродените бебиња – фетуси, истополови бракови…

Во пресрет на овие избори, на половина период меѓу два избора за претседател, Републиканската партија имаше мнозинство и во Домот и во Сенатот, а секако, со изборот на Доналд Трамп ја има и претседателската позиција. Со најголем дел од резултатите познати (во некои избирачки места пребројувањето сè уште трае, на некои места разликата е премала за да се утврди победникот, а во Флорида, на пример, има правило за автоматски повторено (рачно) пребројување ако разликата е помала од 0,5 отсто), може да се констатираат најважните исходи: демократите успеаја да освојат мнозинство во Домот (имаат над 218 освоени места), а републиканците го задржаа и зголемија мнозинството во Сенатот (имаат над 51 сенатор). Со други зборови, или како што често се случува на нашите избори (вклучително и на последните парламентарни во 2016 година, па и на неодамнешниот референдум), сите може да бидат задоволни со резултатите, односно и едните и другите да прогласат победа.

Но сето ова веројатно веќе го знаете од редовните вести на нашите медиуми. Она што е помалку познато, а можеби е интересно да се одбележи, се некои „први“ работи што се случија на овие избори. На пример, првпат се избрани две жени муслиманки во Конгресот. Потоа, една од новоизбраните стана најмлада жена член на Конгресот во историјата (со 29 години). Во сојузната држава Масачусетс првпат е избран црнец за претставник во Домот. На изборите за гувернер, првпат е избран деклариран хомосексуален маж (пред две години првпат се избра бисексуална жена, а во 2004 еден избран гувернер ја објави својата хомосексуална ориентација во текот на мандатот). Избрани се и првите две домородни жени (native Americans, или ние би рекле Индијанки). Има и неколку други вакви случаи, кои главно се во насока на диверзификација на претставеноста во Конгресот кон жените, младите, ЛГБТ-заедницата и она што кај нас би се нарекло „помалите етнички заедници“, а во САД посоодветно би било „од малцинско етничко, расно или верско потекло“. Со тоа продолжува да се разбива стереотипот за владејачката класа во државата, често реферирано како WASP (white, Anglo-Saxon, Protestant; односно припадници на белата раса, со доминантно англиско етничко потекло и припадност на некои од протестантските верски групи, како баптисти, евангелисти, адвентисти и слично), а кон што се чинеше дека се враќа американското општество со изборот на Доналд Трамп за претседател. Од сите 45 досегашни претседатели, само два – Џон Кенеди и Барак Обама не одговараа на профилот WASP.

Интересен е за коментирање и самиот изборен систем, вклучително и споредбено со нашиот. Се чини дека првпат бројката на гласови на едни вакви (непретседателски) избори ќе надмине 100 милиони, а во конечното салдо вкупната предност на демократите во однос на републиканците веројатно ќе биде над 5 милиони гласови (односно околу 5 отсто од сите гласови). Сепак, тоа веројатно нема да им донесе толкава разлика во пратенички места во Конгресот, поради големите разлики во бројот на гласачи во различните изборни окрузи и особено на ниво на сојузни држави. На пример, во Флорида за победа требаа над 4 милиони гласови, додека во Мејн, Монтана или Северна Дакота се влегува во Сенатот со само 200.000 освоени гласови. За потсетување, и Доналд Трамп пред две години освои околу 2 милиони (2 отсто) гласови помалку, но стана претседател бидејќи неговите гласови беа подобро распоредени во повеќе помали сојузни држави.

Сепак, покрај сите овие интересни податоци и резултати, главна причина за овој напис е впечатокот што доминираше и во изборната кампања и во коментирањето на резултатите, а е многу споредлив и со нашата ситуација – а тоа е длабоката поларизација на општеството. Американската политика е одамна поларизирана и доминирана од дуото демократи и републиканци. Малку е познато дека таму има и други партии, а дека често се кандидираат и независни кандидати (на пример, покрај Доналд Трамп и Хилари Клинтон, на минатите претседателски избори имаше и трет кандидат – Гери Џонсон). Сепак, тие ретко завршуваат во победнички позиции (во Сенатот од 100 члена има само два независни, а во Домот од 435 места, нема ниту еден). Затоа, политичката борба се сведува на главните две партии и таа во последните години има тенденција на партизација – односно сè почесто хомогенизирање при гласањата во Домот и Сенатот по партиска линија.

Во оваа смисла, интересен е исходот на една сенаторска трка – во Западна Вирџинија, каде што демократскиот кандидат Манчин го задржа своето место во Сенатот и беше реизбран со победа од околу 3 отсто. Во оваа држава републиканците имаа голема победа на претседателските избори пред две години, а веројатно клучно за реизборот на Манчин беше неговото гласање во Сенатот минатиот месец за избор на судијата Брет Кавано во Врховниот суд – иако сите други демократи гласаа „против“, а без неговиот глас (иако сите присутни републикански сенатори гласаа „за“) немаше да се стигне до потребните 50 гласа, слично со исходот на гласањето кај нас за почеток на постапката за уставни промени.

Поларизацијата беше толкава, што при прогласувањето на победата демократите во изборите за Домот, водачот на демократската група Ненси Пелоси го нагласи тоа и потенцираше дека е време за обединување и дека „иако се тие членови а гласачите се поддржувачи на две партии, сите се жители на една држава“. Исто како и нашето „помирување“ за кое неделава се основа Собраниска комисија, но која допрва треба да дефинира што ќе прави.

Дека е полесно да се каже отколку да се направи, покажаа и самите избори и кампањата до нив – кога и двете партии не се штедеа во „комплиментите“ на сметка на другиот. За Трамп е веќе потврдено дека е без дилема најполаризирачкиот претседател во последниве неколку декади. Но и демократите го користеа токму него за напади, па и стигматизирање (често и заслужено заради неговите стигматизирања на другите), за да ги придобијат неопределените на кои „им е доста“ од Трамп. Многу ретко се наоѓаат написи на демократски претставници кои признаваат и некои успеси на претседателот, а неспорно ги има.

Ќе биде интересно да се следи што ќе се случува во САД по овие избори и дали навистина ќе има напори за деполаризација (и департизација), меѓу другото, и како водилка за нашите проблеми на тоа поле. Но не мора да чекаме на Американците и за тоа – секако имаме доволно голем проблем со поларизацијата за која би морале и самите нешто (или многу) да направиме. Иницијативата за помирување може да е добар почеток, но како што пишував во минатиот напис, веројатно е тоа преамбициозно. Дури и деполаризацијата ми изгледа неостварлива во мандатот на оваа влада и во оваа постреферендумска ситуација и пред уставните измени. Би рекол дека е доволно да почнеме со департизација, па и тоа повеќе на симболично ниво за почеток, па потоа посистематски, за да стигнеме за неколку години до деполаризација во повеќето или на сите области на општеството, а со тоа, на подолг рок и до помирување (во суштинското значење на тој поим, а не дневно-политичко и брзопотезно).

Дали ќе е ова можно? Тешко е да се поверува… бидејќи како и во американскиот случај – изборниот систем и праксата на бипартизам, всушност, стимулираат поларизација и поголеми поделби меѓу помалку (а поголеми) групи и партии. Но, ако се сака во партиите, секако дека може да се постигне.