Ден на мајчиниот јазик: До крајот на 21 век ќе изумрат околу 3.500 јазици во светот


Членките на Организацијата на обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) денеска го одбележуваат Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, со цел промовирање на јазичната култура и разновидност, како и повеќејазичност.

Генералното собрание на УНЕСКО во 1999 година го прогласи Денот на мајчиниот јазик како сеќавање на студентите кои на 21 февруари 1952 година беа убиени во Дака, во источен Пакистан – денес Бангладеш, бидејќи протестираа затоа што нивниот јазик не беше прогласен за официјален.

Според проценките, речиси секојдневно во светот исчезнува по еден јазик, а лингвистите прогнозираат дека од околу 7.000 јазици до крајот на 21 век ќе изумрат повеќе од половината. Дел од експертската јавност смета дека дотогаш ќе изумраат дури 90 отсто од јазиците. Најмногу се загрозени јазиците со мал број говорници од стотици или десетици луѓе кои го зборуваат, како и јазиците кои припаѓаат на мали заедници кои не се цивилизирани од аспект на западните стандарди и кои немаат институции.

Темата на овогодинешниот Меѓународен ден на мајчиниот јазик се домородните јазици како фактор во развојот, мирот и помирувањето.

– Староседелците имаат околу 370 милиони жители, а нивните јазици го сочинуваат поголемиот дел од околу 7.000 живи јазици на Земјата. Многу домородните народи и понатаму страдаат од маргинализација, дискриминација и екстремна сиромаштија и се жртвите на прекршување на човековите права, изјави генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азулеј.

Во врска со потребата за зачувување на мајчиниот јазик, УНЕСКО оценува дека лингвистичката разновидност сè повеќе се загрозува со исчезнувањети на сè повеќе јазици.

„На глобално ниво, 40 проценти од населението нема пристап до образование на јазик што го зборуваат или разбираат. Мултилингвалните и мултикултурните општества постојат преку нивните јазици кои ги пренесуваат и зачувуваат традиционалните знаења и култури на одржлив начин“, се наведува во соопштението од УНЕСКО.