Денес се објавува Стратегијата за Западен Балкан, Османи: До 2025 година Македонија во ЕУ
Карл Билд предупредува дека ако пропаднат преговорите меѓу Грција и Македонија за името, пропаѓа и стратегијата за европска интеграција на Балканот
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, наспроти неповолната внатрешна политичка клима, нерешениот спор со Грција и блокираната работа на парламентот околу законот за јазиците, вчера излезе со оптимистичка најава дека Македонија и Албанија идната година ќе ги започнат преговорите за членство во Европската Унија.
„Очекуваме во Стратегијата на ЕУ, која ќе биде објавена денес, јасно да се утврдат два момента. Првиот е Македонија заедно со Албанија да почнат преговори оваа година. Очекуваме и да се даде можност Македонија да го достигне таргетот 2025, се разбира доколку го заслужува тоа“, нагласи вицепремиерот Османи.
Бидејќи Македонија меѓу првите земји во регионот ја потпишаа Спогодбата за стабилизација и асоцијација и во голема мера ја има приспособено домашната легислатива со таа на ЕУ, откако ќе се отворат преговорите Османи очекува Македонија во кус период дури да ги престигне лидерите Црна Гора и Србија во затворањето на поглавјата.
„За нас е важно да ги започнеме преговорите. Македонија има многу постигнато во тој процес. Досега, во овие 17 години откако е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација, работиме на хармонизација на легислативата и сметаме дека ако започнеме преговори многу бргу ќе отвораме и ќе затвораме поглавја, бидејќи ние и пред да започнеме преговори имаме работено на тој процес и имаме постигнато резултати“, изјави вицепремиерот Османи.
Според вицепремиерот Османи, за Македонија Стратегијата е позитивна затоа што во неа има временска рамка во која ќе треба да се движи земјата и да се приклучи кон европското семејство.
Дека е можно Македонија и Албанија идната година да ги започнат пристапните преговори со Европската Унија пишува и германскиот весник „Велт“. Делови од стратегијата, кои ги обелодени токму овој весник, наведуваат дека Европската комисија има за цел што поскоро да ги приклучи земјите од Балканот кон Европската Унија, но како лидери ги наведува Србија и Црна Гора кои до 2025 година би требало да бидат подготвени за прием. „Велт“ во делот за Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово пишува дека на овие земји ќе им се стави до знаење дека имаат европската перспектива и иднина.
„Македонија е кандидат за членство од 2005 година, но сѐ уште не ги започна пристапните преговори. Сепак, голема е веројатноста Македонија и Албанија во јуни да ги започнат преговорите со Европската комисија“, стои во текстот на „Велт“.
Околу можното проширување на Европската Унија се огласи и поранешниот премиер и шеф на дипломатијата на Шведска, Карл Билд. Тој смета дека без конечно решение околу спорот за името меѓу Македонија и Грција, целата балканска стратегија на Европската комисија може да пропадне.
„Мислам дека е потребна сериозна посветеност на моќните држави и институции во ЕУ за да се стигне до компромис за името. Без тоа балканската стратегија на ЕУ може да пропадне“, напиша Билд на својот твитер-профил, споделувајќи ја веста од грчкиот весник „Катимерини“ за вчерашниот протест во Атина и за процесот за решавање на спорот за името.
Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан ќе биде објавена денес попладне од страна на еврокомесарот Јоханес Хан и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини. Со неа на Западниот Балкан вторпат ќе му се отвори перспектива за ЕУ, откако солунската агенда не се оствари во целост. Според она што го објавија досега странските медиуми, во неа ќе биде споменат можен датум за прием само за Србија и за Црна Гора.
Дел од западните медиуми инаку објавија дека група од 12 земји членки на ЕУ сака шесте земји од Западен Балкан да учествуваат на годишните самити пред да се приклучат кон Унијата. Австрија, Чешка, Естонија, Ирска, Италија, Литванија, Летонија, Малта, Полска, Словенија, Словачка и Унгарија сакаат на самитите на ЕУ да учествуваат и лидерите на западнобалканските држави.
Нивниот предлог е предаден на Европска комисија кон крајот на јануари, и со него се бара исто така министрите од Западен Балкан да учествуваат на состаноците кои се однесуваат на заштита на животната средина, здравство, сообраќај и надворешна политика.
Блерим Исмаили