Дел од спасителите во автобуската несреќа барале помош од психијатри


Тетово – Три противпожарни возила и 18 пожарникари учествувале во спасувањето по автобуската несреќата кај скопско Ласкарци. По трагедијата, целата екипа била потресена, а дел од нив сè уште посетувале психијатри и психолози. Според командирот на Територијалната противпожарна единица, Ука Алити, сега, три недели по стравотната сообраќајка, одлучиле да ја кажат вистината за пропустите на македонските служби кои, според нивна оценка, очигледно не се подготвени да одговорат при вакви ситуации.
– На местото на несреќата пристигнавме за околу 27 минути. Кога дојдовме таму, имаше само две амбулантни возила и жителите од Ласкарци. Други служби немаше. Ги немаше ниту противпожарните единици ниту бригадата од Скопје. Малку нè зачуди тоа. Затоа што Ѓорче Петров, каде што има противпожарна служба, е 8 километри до Ласкарци, а Тетово е 25 километри. Ние бевме тука, тие не. Влеговме во автобусот. Многу патници беа приклештени за седиштата, не можеа сами да излезат. Сечевме со нашата опрема, ги вадевме надвор. Целата операција беше тешка. Беше непроодно, тесно. Да дојдоа пожарникарите од Ѓорче Петров навреме, и замислете да дојдоа пожарникари и од другите општини од Скопје и дополнително бригадата од Автокоманда, тогаш за кратко време автобусот ќе го исечевме, што се вели народски, на парчиња и патниците слободно ќе излегоа – вели Ука Алити.
Тетовските пожарникари кај Ласкарци интервенираа со донирана опрема, таканаречени ножички со кои ги сечеа лимовите на автобусот, седиштата, со флексови и слично. За да работиш со таа опрема, треба да бидеш пожарникар спасител и да поминеш соодветна обука која тетовските пожарникари ја поминале благодарение на Меѓународната операција „Флориан“. Во рамки на институциите, нема предвидено обука за пожарникар спасител.
– Кога има вакви незгоди како кај Ласкарци, главни во операцијата се пожарникарите спасители. Но никој не се прашува дали сите пожарникари се навистина спасители, односно дали поминале обука. Има приватни курсеви за пожарникари спасители или, пак, пожарникар спасител можеш да станеш и преку некоја странска организација како Меѓународната операција ‘Флориан’, чии претставници доаѓаат кај нас и ни вршат обуки за спасители, но и за успешно гасење пожари. Но сите противпожарни единици и друштва ја немаат оваа можност, па секаде низ градовите нема пожарникари спасители. Што ако, на пример, се случи некоја трагедија во некој помал град, каде што нема пожарникари спасители? Затоа секој пред мора да биде вработен во пожарна, да помине и соодветна обука за пожарникар спасител, и таа обука да биде во рамки на системот, односно да биде задолжителна. Засега институциите на системот не предвиделе обука за спасители ниту, пак, на јавните конкурси за вработување на пожарникари се земаат во предвид какви било обуки – рече Ука Алити од
Од ТППЕ Тетово се надеваат дека состојбите ќе се подобрат. Со најавите за воведување на единствениот европски број за итни повици 112 ќе се подобри координираноста на македонските служби да одговорат на големи трагедии, како таа кај Ласкарци.
– За секоја несреќа граѓаните, барем како што најавија властите, за две години треба да вртат на бројот 112. Тој повик ќе биде упатен кон една централа, која потоа ќе ги запознае сите служби, односно брзата помош, пожарникарите, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи. На тој начин сите служби претходно ќе знаат која е нивната одговорност за успешно да се заврши работата. А сега при катастрофи се оди на настанот, не се знае кој и за што е одговорен и што треба да преземе – велат од Синдикатот на Територијалната противпожарна единица Тетово.
Инаку, тетовските пожарникари не интервенираат првпат во друга општина како во скопско Ласкарци. Интервенцијата надвор од границите на Општина Тетово за нив е секојдневие. Тие гасат пожари и спасуваат луѓе од несреќи во сите 5 рурални општини од долни Полог бидејќи ниту една од нив нема противпожарно друштво.

Зоран Димовски