Деда: Тачи не го разбира значењето на зборовите „корекција на границата“


Пратеникот на косовската опозициска партија Алтернатива, Илир Деда, изјави дека претседателот на Косово, Хашим Тачи воопшто не го познава меѓународното право и не го разбира значењето на зборовите „корекција на границата“ кога зборува за можниот договор со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според Деда, Тачи не сфаќа дека, според меѓународното право, евентуална корекција на границите е можна единствено меѓу земји кои се членки на Обединетите нации и кои се признати една со друга.

„Меѓународното право ја познава корекцијата на границите во случаи кога има географска неконзистентност, но не етничка и може да се направи единствено меѓу земји кои се членки на ОН и кои една на друга и ја признаваат независноста. Приказните на Тачи немаат основа во меѓународното право“, напиша Деда на Фејсбук.

Коментарот на опозицискиот пратеник уследи по објавата на Тачи на социјалните мрежи дека „случајот на Косово е посебен случај“ и дека „корекцијата на границите е дозволена со меѓународното право“.

„„Суи генерис“ или Косово како посебен случај, се однесува на прогласувањето независност и таа посебност ја имаат признато 110 држави во светот, а легитимирана е и од Меѓународниот суд на правдата. Тоа не значи експеримент, етничка корекција на границите и етничко чистење во мир“, напиша Деда, кој коментрот го заврши со прашањето: „Да ли е претерано да се очекува од претседателот на државата да го знае значењето на зборовите што ги кажува?