Дегустација, мода и сеир на Фестивалот на младо вино во “Тиквеш“


Некој вино, некој љубов, а некој сеир, славеа гостите викендов на Фестивалот на младо вино во “Тиквеш“, на првото отворање на бочвите со вино од годинешната берба. Веќе осум години е престиж да бидеш поканет и да дегустираш врвни вина на овој прв и единствен од ваков вид во земјава фестивал кој има значајна улога во градењето и развојот на винската култура во земјата, но и регионот. Присутните претставници на дипломатскиот кор, на институциите, на бизнис секторот и познати јавни личности се дружеа, мезеа, видоа, беа видени и се забавуваа на етно и модерна музика со “Љубојна“,  најдобриот трубач во светот Дејан Петровиќ од Србија и “Биг бенд“ и “Саутпарк“. Годинава, прв пат имаше засилено обезбедување, заради најавените гости од високата политика, но и нов, ексклузивен простор на отворено, кој може да биде и покриен, ако така налагаат временските услови.  Првите впечатоци од младите вина кај посетителите на годинешниот Фестивал на младо вино се дека тие и годинава се со висок квалитет. Ваквите првични оценки се поклопуваат со прогнозите на енолозите на „Тиквеш“ дека новите вина имаат потенцијал да освојат многу нови медали и високи оценки на реномирани светски вински натпревари.

Кој е дрес-кодот за винарница?

Поканетите гости во винарница секогаш имаат дилема што да облечат и често ме прашуваат. Важно е кој ќе те покани и кои се поканетите гости. Дали се пие вино преку ден или навечер? Во затворен елитен простор, или, на отворено, во винарија?

Кај нас гостите се облекуваат како што се чувствуваат и како се расположени. Некои ептен дотерани, особено жените, во тенки хулахопки и високи потпетици, дури и кога е ладно, некои ептен лежерно. Некои гостинки се ептен нашминкани и со фризури како на свадба, а некои без шминка и со коси како за по дома. На некои гости им е важен изгледот, за некои, удобноста. Некој ќе се смрзнува, а некој ќе се вари по секоја цена. Во име на модата, сеирот, озборувањето, некои зашто мислат дека тоа е правилно, а некои зашто не знаат, а и не ги прашуваат тие што знаат. Некогаш како гостин ќе погодите со гардеробата, некогаш ќе утнете. Искусните стануваат помудри, а почетниците ќе научат за следната година. Или не.

Лејла Сабит