Заштита на приватноста и построги критериуми за избор на директор на ОТА


Прецизирање на законските решенија за реформи на системот за прислушувањето, усогласување со Уставот и останатите закони, како и со нормите на ЕУ, заштита на личните податоци на граѓаните, јасни и строги критериуми за избори на директорот на Оперативно-техничката агенција и нејзините вработени, департизација на службата, се дел од препораките, кои произлегоа од денешната втора дебата за предлог-законите за следење на комуникации и за формирање на ОТА.

Дебатата беше организирана од Факултетот за безбедност Скопје, пред нивото влегување во второ читање во Собранието. Факултетот исто така беше организатор на првата дебата, а дел од тогашните забелешки беа внесени во законските решенија и усвоени во прво читање во Собранието.

Решенијата мора да имаат јасни и прецизни одредби, кои ќе ја гарантираат правната сигурност на граѓаните и правните лица во земјава и да ги отстранат сомнежите за можна идна злоупотреба на личните и другите податоци, кои ги прибираат операторите за физичките и правните лица.

Продеканот на Факултетот за безбедност, Марјан Ѓуровски вели дека предлог-пакетот решенија за следење на комуникациите излегуваат од дадените постојни рамки на Законот за кривична постапка и е во колизиција со две третини од другите постојни закони, со што се креира сива зона на тајната полиција.

– Спротивно на препораките на ЕУ се зголемуваат ингеренциите на УБК, со што се создава т.н. шопинг центар на информации, кои може да се употребат надвор од овластувањата, вели Ѓуровски.

Александар Николов од невладината Асоцијација Зенит смета дека законските решенија треба да се усогласат со законодавството на ЕУ и да обезбедат заштита на приватноста и личните податоци.

Забележа дека со законските решенија не се нуди заштита од злоупотреба од технологијата, која не е прецизирана и може само да се претпоставува за каков вид се работи.

Учесниците забелешки дадоа и во однос на критериумите за избор на директорот и вработените во ОТА.

Ѓуровски смета дека во законот за ОТА треба да се пропише одредба, во која секој вработен треба да помине полиграфско тестирање.

Полковник Горан Василевски, раководител на Секторот служба за воена безбедност и разузнавање на иста линија – секој кој сака да се вработи во која било безбедносна служба, односно кај нас во УБК, Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање, треба да помине на полиграф. Таква одредба, треба, според него да содржи законот.

– Во други држави тоа се пропишува со уредби, во кои се вели дека тоа може да се прави и еднаш годишно доколку има истекување на класифицираните информации, додаде Василевски.

Учесниците заклучија дека е потребна и департизација на раководните структури, а според Ѓуровски воопшто не е потребно ОТА да има заменик директор, за како што, рече „да се задоволат некакви коалцииски интереси“.

Професорот Томе Батковски напомена дека во законските решенија е пропишано директорот да биде државјанин на РМ, но нагласи дека таа одредба мора да се прецизира.

Додаде дека законот мора јасно да каже дека директорот мора да биде државјанин само на РМ и оти не смее да има двојно државјанство. Истото, според него треба да важи и за вработените, со оглед на природата на работата што ја вршат.

Николов од Зенит вели дека проблематична е реалацијата во иднина меѓу УБК и ОТА. Сегашното законско решение нуди можност седуммина вработени од УБК да се префрлат во ОТА, но Николов го поставува прашањето, кој ќе ги прави прави безбедносните проверки за новите вработени, односно дали тоа повторно ќе биде УБК.

– Доколку е така, УБК ќе има право на вето за тоа кој ќе биде вработен во ОТА, рече Николов.

Директорот на Агенцијата за разузнавање, Зоран Иванов нагласи дека во фокусот на реформите треба да биде подгигнување на организациската култура.

– Каков закон и да напишеме нема да има придвижување, затоа што клучните забелешки доаѓаат од организациската култура на нашиот безбедносно-разузнавачки систем, вели Иванов.

Појасни дека зборува за организациска култура говори пред се да човечкиот фактор. – Веќе имавме два скандали со прислушувањето, значи ние сме пробпемот, човекот е пробпемот, додаде директорот на Агенцијата за разузнавање.

На дебата се обратија и претставници од собраниската Комисија за надзор на работата на УБК и Агенцијата за контраразузнавање.

Трајчо Димков од опозициската ВМРО-ДПМНЕ истакна дека опозицијата била вклучена во процесот на реформите, но сепак решението за формирање на ОТА е нешто што го донела самата Влада и нешто што опозицијата требала да го прифати.

Според него, решенијата за реформи се избразани и додаде дека ако толку години се правеле грешки, поради сегашниот систем, потребно е да се дадат уште неколку месеци со цел да се донесат подобри законски решенија.

Законите за реформи на прислушувањето треба да бидат усвоени во втора фаза во Собранието. ОТА е предвидено да почне со работа во ноември, а МВР засега не соопштува каде ќе биде сместена новата агенција, колку вработени ќе има, ниту колкави ќе бидат финансиските импликации за реформите.