Деан Мицкоски, диџеј во Њујорк: Соработката со Ерик Мориљо ми отвора врати


Македонскиот диџеј Деан Мицкоски десет години го трасира својот диџејски пат во Њујорк, САД. Неговата упорност го носи во друштво на диџејската елита како што се Ерик Мoриљо, Тиесто, Армин ван Бјурен и други. Во изминативе години за Мицкоски пишувавме дека ги освои најважните клубови во САД како „Пача“, а неколкупати беше задолжен и да ги забавува славните личности на познатите „Fashion parties“.

Има издадено и неколку свои музички изданија, меѓу кои и за музичкиот пазар во Европа. Неговата професија е хотелски менаџер, но љубовта кон музиката го однесе во правец во кој отсекогаш посакувал да биде.


Мицкоски како коосновач на „Дип Рутс рекордс“ е активен и на промоција на други артисти од електросцената, но и во организација на музички фестивали, претежно на територијата на САД.
Она што е највпечатливо во последниот период за Мицкоски е тесната соработка со Ерик Мoриљо и неговата „Сублиминал рекордс“, како и соработката со „Армада мјузик“ на Армин ван Бјурен.
Последната песна што е издадена пред две недели, „The whole world“ на Мицкоски, во соработка со Роланд Кларк (познат по соработката со Кети Пери) и Френсис Мерсиер, веќе добива позитивни реакции од публиката, но и од светската диџејска фела.

               Во работна атмосфера со вокалистката Шани Тејлор
Соработката со Мoриљо, која е од особено значење ако некој решил да прави кариера на светско ниво, за Мицкоски доаѓа сосeма непредвидливо и неочекувано во одреден период од неговиот живот. Имено, нив ги спојува пејачката Шани Тејлор која Ерик често ја ангажира да ги пее вокалите на неговите композиции. Пошироко во светската јавност, ова дуо, Шани и Ерик, е познато по одличниот хит од пред неколку години насловен „Live your life“.
– Шани ја запознав на приватна забава и не знаев дека таа е вокалистката на песните што сите ги знаеме или сме ги слушнале. Спонтано, почнавме да разговараме прво за коктелите кои се служеа на роденденот, за потоа да сфатиме дека и двајцата сме во музичката индустрија. Во тој момент, имав готова композиција, за која немав вокали, па беше одлична можност тоа да ѝ го понудам. Ја прифати соработката, а потоа, како што се одвиваа комуникацијата и соработката, завршивме во студиото на Ерик да снимаме и друг материјал. Околу една година активно соработувам со нив – раскажува Мицкоски.

                                                       Деан и Роџер Санчез на фестивалот „Охрид колинг“
Упатените знаат дека Ерик Мориљо е важна фигура на светско ниво во овие кругови. Освен што е продуцент и што креаирал хаус-музика под различни псевдоними, тој има оставено песни што се безвременски. Таква е „I like to move it“ издадена во 1993 година, песна што нема жив човек на планетава а да не ја слушнал. Тој има и свои радио-шоуа каде што редовно ја промовира музиката на Мицкоски, па дури и неговото име го споменува на најавната шпица. Ова шоу се емитува и на едно македонско домашно радио.
Неговата музика ја пушта и Пит Тонг на својот редовен термин на Би-би-си радио, како Тиесто радиското шоу „Клаб лајф“.
Мицкоски работи со полна парeа, а наскоро треба да излезат и две негови нови песни на кои повторно работи со Мориљо. На едната нумера, вокалите ќе ги пее Бела Хантер, Австралијката која е и победник на „Икс-фактор“. На другата песна, Мицкоски соработува со пејачката Лиза Пјур, која пак го испеа хитот „Лост“ на Роџер Санчез.
Во годинава што изминува, Мицкоски имаше набиена агенда од настапи, а како најважен ќе го издвоиме настапот на „Мајами мјузик вик конференс“, каде што делеше стејџови со имиња како Блек Кофи, Пит Тонг, „Лост фрекфенсис“, Фед ле Гранд, Локо Дајс итн. Летово тој настапуваше и на фестивали во Белгија, Њујорк, а имаше настап и на домашен македонски терен во Охрид на „Охрид колинг“.

               Официјалниот плакат за „Мајами мјузик вик конференс“

Мицкоски, кој по потекло е од Кичево, пред десетина години се пресели во Њујорк, по професија е хотелски менаџер, но музиката никогаш не ја запостави. Кичевци го паметат како сопственик и менаџер на клубот „Енерџи“, кој во тоа време беше домаќин на домашни и странски диџеи. Тоа беше едно од поубавите времиња за кичевци, па заедно со уште еден до два клуба, беше постојана битка кој ќе ангажира подобар диџеј од домашната или странската сцена.
– Можам да кажам дека моето обично хоби прерасна во професионалност. Досега имам настапувано низ познати клубови во Њујорк, некогаш дури и цела седмица имам ангажмани без паузи. Ми се допаѓа тоа што го работам, а од тоа задоволство произлегоа соработки со многу важни личности во оваа индустрија. Досега имам издадено за познати продуцентски куќи во Данска, Германија, Англија, Шведска, Австралија, Италија, САД – вели Мицкоски и додава дека негов пасиониран правец во музиката е дип тек хаус или тек хаус, а всушност, тоа е и она што тој го создава.

Ивана Настеска