ДДВ – илузии


Роберт Несими

Една од најинтересните точки од предизборната програма на сегашната владина гарнитура, која привлече многу внимание во јавноста, беше ветувањето дека државата ќе им врати дел од уплатениот ДДВ назад на потрошувачите. Ова ветување беше повторено неколку пати и по завршување на изборите, што е знак дека не станува збор за некаква предизборна манипулација, туку претставува вистинска заложба на Владата да ја имплементира на дело. Според неа, ова мерка првично ќе се тестира во форма на пилот-проект во вториот дел од 2018 година во неколку региони, а потоа се очекува да премине во трајно законско решение во почетокот на 2019 година.
Споредено со враќањето пари во приватниот сектор и во џебовите на граѓаните, друга важна цел на ова мерка е зголемување на наплатата на ДДВ, преку поттикнување на граѓаните да барат фискални сметки, со што значително ќе се помогне за сузбивање на сивата економија. Најавено е дека на секој граѓанин ќе му се вратат 15 отсто од уплатениот ДДВ, со што според властите на едно просечно семејство ќе му се вратат околу 500 евра годишно. Наплатата на ДДВ со ова мерка се очекува да порасне за околу 300 милиони евра.

Теоријата настрана, мерката, како што е претставена, покажува запрепастувачко и загрижувачко ниво на математичка неписменост кај предлагачот. Една проста математика покажува дека ветените 500 евра поврат се далеку од некаков просек на просечно семејство, дури би рекле астрономски недостижни за повеќе од 99 отсто од населението во Македонија. Враќање на 15 отсто од ДДВ, дури и под претпоставка дека сите трошоци се направени на добра и услуги со стапка од 18 отсто, значи дека ќе ни се врати 2,7 отсто од целокупната потрошувачка. За да се достигне поврат од 500 евра на годишно ниво, „просечното“ семејство треба да потроши околу 18.500 евра годишно, или повеќе од 1.500 евра месечно. И тука повторно да потенцираме дека ваквата пресметка е за потрошувачка на производи со максимален ДДВ од 18 отсто, што исклучува такви работи како враќање кредит, кирија, осигурување и низа други продукти со пониска стапка на ДДВ. Реално, потрошениот износ ќе треба да биде многу повисок од 1.500 евра месечно.

Реалните пресметки на повратот на ДДВ за просечно семејство покажуваат сосема поинаква слика. Како појдовна точка за таква пресметка може да ни послужи последната објавена просечна нето-плата, која изнесуваше 23.196 денари. Ако претпоставиме дека таа се троши во целост и само во добра и услуги со 18 отсто ДДВ, тогаш на таквиот просечен потрошувач годишно ќе му се вратат само околу 120 евра. Бидејќи дел од средствата ќе се трошат на продукти ослободени од ДДВ или, пак, на производи со пониска стапка на ДДВ, таквиот просечен потрошувач реално треба да очекува многу понизок поврат, можеби и под 100 евра годишно.
Математиката е уште понемилосрдна за сиромашно семејство кое живее со минимална плата што ја троши во целост. Со горенаведените претпоставки, таквото семејство хипотетички ќе добие околу назад 60 евра годишно, а во реалност уште помалку. Па може само да замислиме какво непријатно изненадување му приредува Владата на таквото семејство, кое очекува 500 евра годишно, а завршува со само 60 евра. Со тоа мерката не е само илузорна весела математика, туку и катастрофално лош пи-ар за власта.

Еднакво дубиозно изгледа и очекувањето дека со ваквата мерка ќе се поттикне наплатата на ДДВ за дополнителни 300 милиони евра годишно, како што рече премиерот во едно негово излагање. По сѐ изгледа бројката е добиена за да соодветствува со 1,5 до 2 милијарди евра неоданочена потрошувачка, односно на сива економија од 15 до 20 отсто од БДП. Но, тука се заборава дека ДДВ е данок на додадена вредност, односно само данок на маржата, а исто така дека не сите производи подлегнуваат на максималниот данок од 18 отсто. Тоа значи дека дополнителниот прилив од ДДВ ќе биде далеку понизок од ветените 300 милиони евра или, пак, дека сивата економија е далеку поголема од 15 до 20 отсто од БДП. А во вториот случај имаме далеку посериозен проблем, кој не може да се реши со популистички мерки како повратот на ДДВ.

Паралелно, со крајно несериозната математичка конструкција, дискутабилен е и начинот на кој ова мерка се планира да функционира, а за кој Владата не изусти ниту еден збор. Тука постојат две можни решенија: „селското“ механичко администрирање на процесот или „модерната“ електронска верзија. Во првиот случај повратот би можел да се реализира така што секој потрошувач периодично (квартално, годишно) ќе носи вреќа со фискални сметки и платени фактури во локалната испостава на УЈП и за нив ќе побара поврат на ДДВ. Во ваков случај можеме само да замислиме со каков товар ќе треба да се сноси администрацијата и каков општ хаос ќе настане по шалтерите на УЈП. Тука е и прашањето дали е воопшто возможно целиот тој процес да се мониторира и контролира, поради огромниот потенцијал за манипулации и корупција кој го носи.

Водење таков процес на механички начин можеби изгледа смешен и надминат за 21 век, но во моментот другата алтернатива не изгледа возможна. Единствениот друг начин би бил водење посебни сметки за уплати на ДДВ за секој индивидуален потрошувач во земјата, систем што треба да биде ажуриран во вистинско време. Поинаку кажано, тоа е возможно само со користење индивидуални електронски картички кои би ги „куцале“ во секое продажно место, во кое било време. Станува збор значи за преку милион индивидуални електронски картички, и стотици илјади апарати за читање, на секое продажно место. Имајќи го предвид хаосот низ кој поминуваме со далеку поедноставните електронски здравствени картички, јасно е дека земјата не е подготвена на таков потфат за електронско водење евиденција, пресметка и враќање на ДДВ. Колку и да изгледа смешна, првата варијанта сепак останува единствената можна опција во моментот.

Сѐ на сѐ, предлогот личи на обична предизборна манипулација, која од неразбирливи причини се повторува и по изборите или, пак, станува збор за лошо осмислена популистичка мерка. Тоа значи дека предлагачот лаже или, пак, не знае што сака да направи, што во кој било случај е поразително и разочарувачко за реформски настроена Влада.