Две третини од Русите жалат по Советскиот Сојуз


Дури 66 проценти од Русите жалат поради распадот на Советскиот Сојуз, покажува анкетата на јавното мислење на рускиот центар „Левада“.

Според московскиот весник „Ведомости“, ова е најголем процент на носталгичари по поранешниот Советски Сојуз во последниве 10 години.

Позитивно на прашањето дали жалат поради распадот на Советскиот Сојуз лани одговориле 58 отсто од испитаниците, а во последните 10 години тој процент не надминал 61 отсто.

Поголемиот број од носталгичарите се лица на возраст од над 55 години, но во последниве две години расте процентот на оние што жалат по Советскиот Сојуз и меѓу младите на возраст од 18 до 24 години.

Како главни причини поради кои жалат по Советскиот Сојуз, анкетираните ги посочиле „уништувањето на економскиот систем“ (52 проценти), „загубата на чувството за припадност на голема држава“ (36 отсто) и „растот на взаемната недоверба (31 процент).