Две години по предозирањето од лекови за болки: Дали некој ќе одговара за смртта на Принс?
САД– Поп-ѕвездата Принс имал „екстремно висока“ концентрација на „фентанил“ во неговото тело кога починал, според експертите кои го подготвија токсиколошкиот извештај од аутопсијата на пејачот, објави Асошиејтед прес.
Деновиве, главниот обвинител во округот, каде почина Принс, изјави дека го разгледува случајот и ќе одлучи дали ќе казни некој „во блиска иднина“.
Музичарот имаше 57 години, кога беше откриен сам и безживотен во лифт во замокот „Пејсли парк“ на 21 април 2016 година. Информации објавени шест недели по неговата смрт, открија дека причината е случајно предозирање со „фентанил“, синтетички опиоид, кој е 50 пати посилен од хероинот.
Доверливиот извештај добиен од агенцијата покажал колку од опасната супстанција е пронајдено во телото на ѕвездата. Експертите кои не се поврзани со истрагата за околностите на смртта на Принс рекоа дека бројките не оставаат ни малку сомневање дека „фентанилот“ го убил.
„Количината во крвта му е вонредно висока, дури и за некој кој има хронични болки и се лекува со „фентанил“, рече доктор Луис Нелсон од Универзитетот „Рутгерс“ во Њу Џерси.
Во извештајот се наведува дека концентрацијата на супстанцијата во крвта на изведувачот била 67.8 микрограми на литар. Експертите објаснуваат дека фатални случаи се пријавени кај луѓе со нивоа од 3 до 58 микрограми на литар. Во црниот дроб имало 450 микрограми на килограм „фентанил“, а концентрација над 69 микрограми на килограм „се смета за прекумерно“.
Покрај тоа, имало потенцијално смртоносна количина на опиоид во стомакот на Принс. Ова, најверојатно, укажува на тоа дека пејачот го земал „фентанилот“ орално.
Налози за претрес биле издадени една година по смртта на музичарот. Властите потоа пронашле многу таблети во различни пакувања околу неговиот дом. Лековите биле тестирани во лабораторија и тестовите покажале дека содржат „фентанил“ и други наркотични супстанции.