Два нови случаи со мали сипаници во Куманово и Шуто Оризари


Два нови случаи со мали сипаници се лабораториски потврдени. Станува збор за дете на возраст од двеипол години од Куманово и жена на 32-годишна возраст од скопската општина Шуто Оризари. Овие случаи не се епидемиолошки поврзани, информира денеска на својата веб страница Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

Од страна на епидемиолошките служби во Центарот за јавно здравје Скопје и Центарот за јавно здравје Куманово, како што се посочува, се преземаат активности и мерки на терен во однос на откривање на контактите, проверка на вакциналниот статус и нивно вакцинирање согласно правилникот и календарот за имунизација.

Со овие два случаи во текот на овој месец се регистрирани девет случаи со мали сипаници. Од нив седум (шест деца и еден возрасен) се од скопската населба Радишани, каде на 19 декември беше прогласена епидемија.

По алармантната бројка од 15.000 невакцинирани деца само во Скопје, министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција вчера рече дека тоа е сериозно висок процент невакцинирани деца. -Категорично и енергично ќе стоиме на ставот дека децата во градинка и во училиште треба да се примаат само вакцинирани, бидејќи никој нема право да го загрозува здравјето на останатите деца, додаде Филипче.