Два месеца „Чифте-амам“ ќе биде затворен за посетители


Почна првата фаза од санацијата на објектот „Чифте-амам“, еден од четирите објекти на НУ Националната галерија на Македонија, заедно со „Даут-пашиниот амам“, Мала станица и Спомен-куќата на Лазар Личеноски. За време на санацијата, која ќе трае два месеца, објектот ќе биде затворен за посета.

Ќе се врши санација на покривот со изведба на хоризонтални и вертикални олуци за одбрана од атмосферски води, ќе се гради дренажен канал на источната страна на објектот, екстериер, санација на сите оштетувања од влага во ентериерот – депоа, изложбен простор, со изведба на специјална заднина со панели по должината западниот периметрален ѕид.

Ќе се пренаменат простории во функционален изложбен простор со визуелен контакт со хипокаустот и дислокација на портирницата, а ќе се изведува и заштитна покривна конструкција на надворешната источна страна врз огништето и ќе се санира и громобранската инсталација.
Според Лазар Шуманов, проектант на основниот проект за санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, воведување систем за вентилација на ентериерот, заштита од УВ-зрачење и оградување на културното добро „Чифте-амам“ во Скопје, во оваа фаза, во рамките на одобрените средства од Министерство за култура се опфатени приоритетните проблеми од сите наведени со цел нивно долготрајно решавање.

Сите зафати на објектот „Чифте-амам“ се одвиваат согласно конзерваторското одобрение за санација на оштетувањата од влага – ентериер и екстериер, заштита од продор на атмосферска вода, воведување систем за вентилација на ентериерот, заштита од УВ-зрачење и оградување на „Чифте-амамот“ во Скопје, издадено од Управата за заштита на културното наследство во 2017 година.

– Реконструкцијата и санацијата на овој значаен културно-историски споменик, редок споменик на исламската архитектура кај нас е предвидено да траат два месеца. Изведувач е Друштвото за промет, производство, транспорт и услуги „МАКАУС“. Инвеститор на целиот проект е Министерството за култура на Република Македонија – се вели во соопштението НУ Национална галерија на Македонија.
Објектот е ставен под заштита со решение од 1957 година издадено од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата и решение од 1967 година издадено од Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје.

Амамот е граден во втората половина на 15 век, како завештание на Иса-бег со површина од 1.056 квадратни метри. Првпат се споменува во вакуфнамата на Иса-бегова џамија во 1531 година. Тешко бил погоден со земјотресот од 1963 година, но подоцна во 2000 година амамот е обновен и ѝ е доделен на користење на Уметничката галерија Скопје во функција на мултимедијален изложбен простор.

Амамот името го добил од турскиот збор „чифт“ (турски: çift; со значење „парен, двоен“), поради тоа што неговата градба спаѓа во групата на двојни амами и се состои од два речиси идентични делови со одвоени влезови за мажи и жени. Во чест на наредбодавачот за негова изградба, Иса-бег, познат е и под името „Иса-бегов амам“, додека познатиот патописец Евлија Челебија во своите записи го нарекува нов амам.

Објектот е редок пример на Балканот со голема архитектонска вредност, која денес не може да дојде до израз бидејќи амамот речиси целосно е опколен со дуќани. Тој претставува монолитна градба, а при неговата изградба, особено, се водело сметка за функционалното единство и надворешното обликување.

Граден е во ист стил како и другите исламски градби од тоа време со користење на камен, тули и малтер. Во него доминираат две големи куполи и повеќе помали кои ги засводуваат многубројните соби. За разлика од другите двојни амами, машкиот и женскиот дел во „Чифте-амамот“ се спојуваат во делот за капење.