Двајца адвокати – кандидати за Советот на обвинители


Ангел Солев и Ангеле Илиевски, адвокати од Скопје се кандидати за нови членови на Советот на јавни обвинители.
Овие предлози се очекуваше денеска да ги потврди собраниската Комисија за избори и именувања, ама точката беше тргната од дневен ред, поради немање кворум.

Инаку Солев е поранешен судија, додека Илиевски го застапуваше Зоран Верушевски во случајот „Пуч“, во кој беше осомничен и сегашниот премиер Зоран заев, тогаш како лидер на опозицијата.

Солев и Илиевски треба да влезат во Советот на обвинители на местата на поранешниот Уставен судија Зоран Сулејманов, кој замина во пензија и на Сашо Василевски, кој стана директор во МЕПСО.

Од Советот на јавни обвинители се повлече неодамна Љубомир Јовески, кој е избран за државен обвинител, а на негово место дојде Ацо Колев.

Од дневен ред на комисиската седница беше тргнат и предлогот Насер Ајдари, доскорешен државен правобранител, да биде избран за уставен судија, на местото на Исмаил Дарлишта.