Двајцата осомничени за случајот „Скрипаљ“ биле во Чешка во 2014 година


Двајцата Руси, осомничени од Лондон за обид за труење на Сергеј Скрипал, ја посетиле Чешка во 2014 година, кога таму бил и поранешниот руски двоен шпион, јавува чешкото радио „Радиожурнал“.

– Русите најверојатно формирале оперативна група, која го следела Скрипал многу пред обидот за атентат, посочи радиото, цитирајќи „доверлив извор од тајните служби.

Според истражувачкиот портал „Белингкет“, двајцата мажи во центарот на вниманието на Лондон, се идентификувани како Александар Мишкин – лекар, кој работи за руското воено разузнавање ГРУ, и офицерот од истата служба Анатолиј Чепига.

Мишкин работел под лажно име Александар Петров, а Чепига – со псевдоним Руслан Боширов.

Според извор цитиран од радиото, Мишкин престојувал од 13 до 16 октомври 2014 година во хотел во градот Острава, по што заминал за Прага, а Анатолиј Чепига пристигнал во чешката престолнина на 11 октомври истата година, под името Руслан Боширов.

– За жал не знаеме на кој датум тие ја напуштиле Чешка, вели истражувачкиот новинар од „Радиожурнал” Јанек Кроупа, кој се занимава со аферата.

Изворот на радиото посочува дека Скрипал бил во Чешка во втората половина на октомври 2014 година за да им помогне на локалните власти да ги идентификуваат наводните руски шпиони во земјата.

Чешката служба за разузнавање (БИС), како и полицијата, одбиваат официјално да ги коментираат информациите на „Радиожурнал“.

Лондон смета дека Мишкин и Чепига стојат зад труењето на Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија со нервниот агенс „Новичок“ на 4 март во Солсбери. Москва категорично ги негира обвинувањата.