Дваесет и пет деца Роми од Кочани годинава за првпат ќе тргнат на училиште


Вкупно 25 деца Роми од Кочани кои досега не биле вклучени во образовниот процес од годинава за првпат се запишани во училиште.

Со тоа успешно се завршени активностите од проектот „Сите заедно на училиште“, што се реализираше во изминатите седум месеци, а беше наменет за децата од ромската популација.

Носител на проектот беше Здружението на Роми „Авена“ од Кочани во соработка со други невладини организации и педагошко-психолошките служби од основните училишта „Раде Кратовче“ и „Малина Попиванова“.

– Задоволни сме од постигнатите резултати, затоа што опфативме голем број од децата кои го пропуштиле рокот за упис во прво одделение. Во „Раде Кратовче“ успеавме да запишеме 19, а во „Малина Попиванова“ запишавме уште шест Ромчиња. Со проектот за нив обезбедивме и училишен прибор што ќе им го поделиме по започнувањето на наставата, истакна Драганчо Георгиев, претседател на здружението „Авена“.

Во изминатиот период биле остварени стотина средби со претставници од училиштата и посети на ромските семејства, при што е реализирана едукација на родителите за неопходноста од образование на нивните деца. Освен тоа, изработен е и водич со конкретни мерки, препораки и заклучоци за успешна реализација на активностите.

Проектот „Сите заедно на училиште“ е финансиран од Европската Унија, како подгрант од програмата „Градење посилно граѓанско општество за поттикнување на напорите за унапредување на образовната инклузија на Ромите“.