Дваесет илјади поканети на пробата за Свеченото отворање на ЗОИ


Официјалната проба на Церемонијата на отворањето на зимската Олимпијада ќе се одржи во сабота на Олимпискиот стадион во Пјонгчанг од 20 часот по локално време, соопштија организаторите. На настанот се поканети 20 илјади луѓе, меѓу кои волонтерите на Игрите, жители на градот и официјални лица.

Гледачите ќе бидат обврзани да ја задржат во тајност програмата, забрането ќе биде снимање на делови од пробата или јавно прогласување на детали од неа .

Таквите дејствија можат да доведат до законски мерки против прекршителите од страна на организаторите.

Строго забрането е внесување на камери и фото апарати, а домаќините ќе го следат и користењето на мобилни телефони.
Организаторите за утре очекуваат студено време и температури од минус 12 степени.

Официјалната церемонија на отворањето на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг ќе се одржи на 9 февруари, за кога метеоролозите прогнозираат температури од минус 7 степени, но поради ветрот чувството ќе биде за постудено време.