Да ја преземеме одговорноста!


Костадин Богданов

 

 

07 април 1993 година:

Советот за безбедност при Обединетите Нации:

– Забележува дека постои разлика околу името на државата, разлика која мора да се реши во интерес на одржување на мирни добрососедски односи во регионот

– Му препорачува на Генералното собрание при ОН да ја прими во членство државата, чие барање е заведено како документ S/25147….”

 

Несомнено тоа беше огромен историски успех за граѓаните, иако државата беше именувана по бројот на барањето за членство доставено до ОН (S/25147). Голема, вековна победа извојувана во еден турбулентен период за целиот Балкан. Конечно, еднаш и (веројатно) за секогаш, семејството на народите формално со Резолуцијата 817 ја призна нашата суверена власт над оваа територија насловена тогаш како: „државата, чие барање е заведено како документ S/25147“. Оваа одлука на Советот за безбедност, многу веројатно во тој момент ја извлече нашата држава од виорот на војната, и, истовремено, широко и ги отвори портите на остварување на вековниот сон за „самостојна потрага по среќата“. Уште тогаш мнозинството граѓани се одлучи тоа да го стори преку патот на евроатлантските интеграции.

Оттогаш поминаа повеќе од 25 години во „државата, чие барање е заведено како документ S/25147“. Се сменија генерации луѓе. Се сменија генерации политичари. Се сменија левици и десници. Се правеа неколкукратни реформи во образованието, здравството, стопанството, судството, финансиите, полицијата, војската…. бевме на работ на војна, бевме и на работ на вонредна состојба… се потрошија десетици милијарди евра буџетски пари, невработеноста остана на рекордно ниво во Европа… се партизираше администрацијата, се иселија неколку стотици илјади граѓани… нездраво политички се поларизира општеството, нездраво се искриви историјата. Секако, се случија и некои убави нешта кои барем за момент ја охрабрија нацијата. Но на крајот од денот „државата, чие барање е заведено како документ S/25147“ се чини дека не успеа да ја пронајде сопствената среќа. Барем не на начин на кој ентузијастички се надеваше на 7 април 1993 година, кога стана дел од светското семејство на суверени држави. Секоја година (или на пократок рок) најразличните индекси кои ја мерат сиромаштијата, слободата на медиумите, странските инвестиции, економскиот раст, почитувањето на човековите права, кредитната способност, растот на БДП, демократијата…немилосрдно сведочат за неуспехот. Дополнителен аргумент за нејзината фрагилност до степен кој го доведува во прашање самото опстојување, и по 28 години сувереност, дадоа визуелните снимки од 27 април 2017 година пред и во Собранието.

Но, зошто не успеавме да ја пронајдеме среќата во сиве овие години на самостојност? Зошто сомнежот дали ќе успееме како држава или ќе се распаднеме е сè уште силно присутен кај голем дел од граѓанството? Зошто останавме на дното по сите мерливи параметри за „живот“ во општеството? Одговорот е едноставен. Затоа што и по 25 години останавме „државата, чие барање е заведено како документ S/25147“. Едноставно, не го исполнивме единствениот легат (обврска) произлезен од Резолуцијата (817) која ни го заживеа вековниот сон за самостојна држава – а тоа е да најдеме заедничко прифатливо решение за разликите околу името на нашата држава со Република Грција „во интерес на одржување мирни добрососедски односи во регионот“. Тој легат, таа обврска за нашата држава, доброволно прифатена од наша страна со цел воопшто да имаме меѓународно признаена држава, наместо да биде симбол на обединување и одраз на зрелоста да се има своја држава, за жал, се претвори во симбол на поделби и квази патриотизам низ целиот овој период од самостојноста. Легатот е болен и мачен, секако, но тоа беше условот за да имаме сопствени пари, сопствена армија и сопствена фудбалска репрезентација.

По 25 години внатрешно и надворешно надмудрување околу клучната обврска произлезена од Резолуцијата 817 на ОН, и после 25 години себезалажување дека „времето работи за нас“ и дека ќе успееме да изградиме цивилизирана држава без да ја исполниме меѓународно преземената обврска од 1993 година, денес, пред граѓаните на Република Македонија се наоѓа предлог-решение за исполнување на легатот. Предлог-решение за кое на секој поединец, како суверен во оваа држава, ќе му биде овозможено да го искаже својот личен став. Предлог-решение чија одлука може суштински да ја пренасочи иднината на државата од еден во друг правец. Прашање кое и тоа како заслужува одговор директно од суверенот – граѓаните. Затоа, не смееме да ја избегнеме личната одговорност во овие клучни моменти и да се затскриваме зад бојкотот. Не смееме да се откажеме од нашето лично право на самоодлучување за иднината и судбината на државата, и на тој начин тоа право да го пренесеме врз Собранието или врз партиите. Не само затоа што референдумот е предвиден во програмите на клучните политички партии како задолжителен чекор кон исполнување на обврската од Резолуцијата (817), но најмногу заради самите себе, како суверени и самостојни одлучувачи за иднината и судбината на нашата држава.

Можеби мнозинството на граѓани ќе го прифатат понудениот предлог, можеби нема. Можеби ќе има нов предлог, можеби нема. Можеби ќе има нов референдум, можеби нема. Но, едно е сигурно, а тоа е дека времето за исполнување на обврската од Резолуцијата 817 на ОН работи против нас. Веројатно евентуалниот референдумски предлог во 2008 година ќе беше помалку мачен за нас, уште поверојатно дека ист таков предлог во 1998 година би бил уште помалку мачен. Но, за жал, легатот денес сè уште стои пред нас, ние сè уште сме формално „државата, чие барање е заведено како документ S/25147“ во ОН, а времето не оди наназад.

И не треба да се залажуваме. Признаени сме од 137 држави под уставното име на државата, затоа што сме држава членка на ОН. Но држава членка на ОН сме затоа што ја презедовме обврската да најдеме заедничко прифатливо решение за разликата околу името на нашата држава, решение кое за жал не може да биде уставното име. И таа разликата мора да се реши час поскоро. Тоа е меѓународно преземена обврска на нашата држава, цена за самостојноста и независноста на државата, цена која денес оваа (или некоја следна) генерација ќе треба да ја плати.

Одговорноста е голема. Се наоѓаме на историски крстопат. Да ја преземеме одговорноста.