Даут Харадинај: Јас и брат ми Рамуш не сме предавници


Братот на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, пратеникот на Алијансата за иднината на Косово (ААК) Даут Харадинај, по повод полемиките со неговите некогашни соборци од Ослободителната војска на Косово кои сега членуваат во други партии, рече дека нему и на неговиот брат може да им се каже се, „ама предавници никако“, јавува дописникот на МИА од Приштина.

– На крајот на денот, двајцата имаме по 20 куршуми во телото. На двајцата дворовите ни се полни со гробови на убиени членови на семејството. Секој со пушка во рака, секој по јунак од другиот, изјави синоќа Даут Харадинај во емисијата „Пресинг“ на ТВ Т7.

Потсетувајќи дека тој и брат му доброволно заминале во Хаг за да се соочат со обвинувањата за воени злосторства, Харадинај запраша: „Што друго треба да сториме за да докажеме дека ја сакаме оваа држава?“.

Запрашан да ли и натаму треба да се отвора прашањето на војната, тој рече дека „тоа поглавје од косовската историја е затворено“.

Пратеникот на владејачката ААК, на чие чело е неговиот брат, премиерот Рамуш Харадинај, порача дека вонредни избори на Косово нема да има.