Даути: Во Косово се извезува македонско брашно


Во Косово се извезува македонско брашно, а српскиот министер Расим Љајиќ проблемот со косовските такси за српските производи треба да го решава во Брисел, а не преку трговците во Македонија, порачува сопственикот на „Даути комерц“, Џемаил Даути.

-Факт е дека македонските мелничари увезуваат пченица од Србија, но ние имаме и сопствено производство. Брашното што се извезува во Косово е произведено од македонска пченица, а проблемот со дополнителните контроли и чекањето на границата е поради проверките што ги прават косовските власти, рече Даути во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција на Стопанската комора на северо-западна Македонија во индустриската зона Визбегово.

Тој посочи дека надлежните косовски власти проверуваат дали македонското брашно го исполнува критериумот за присуство на железо во брашното.

-Јас увезувам брашно од Италија во Косово. Не можеше производителот да го исполни условот за присуство на железо во брашното и морав да прекинам со увозот. За да продолжам производителот треба да набави нова технологија за да го исполни условот. Во Косово увезувам и дел од интегралните брашна од Македонија кои ги исполнуваат критериумите и за нив нема никаков проблем, рече Даути.