Дарко Гелев-Брејк за „Независен“: Никаде не сум ни отишол, за да се вратам


Дарко Гелев-Брејк (42), Бик со подзнак Скорпија, скопски мангуп, урбан лик од јавните случувања во градот. Ни фали со нови песни, а за неговите хитови вели дека живеат некаде далеку, сами и изолирани. Сопственик е на три радија во Скопје, а ни откри дека често дома свири пијано и пее балади. Среќно оженет, татко на два сина, а ќерката е на пат.

Музичар или бизнисмен?

-Комбинирано. За мене и бизнисот е музика, ако знаеш како да го искомпонираш. А музиката никогаш не сум сакал да ја претворам во бизнис. Со неа комуницирам само на лично, емотивно ниво.

Зошто те нема на поп-сцената? Ги имаш најубавите балади: „И после сè“, „Болиш“,„Бестрага“… Нема инспирација или такви се околностите?

-Сметам дека поп-сцената денес е преполна. Тука ќе сретнете сè, од кич, преку паради и фрустрации, до квалитет. Но, немам ништо против, секаде во светот е слично, но не исто.

Не се конфронтирам со поп-сцената, не се докажувам, понекогаш не се ни чувствувам како да сум дел од неа. Моите хитови како да живеат некаде далеку, сами и изолирани. Се раѓаат ретко, кога ќе надојдат инспиративните мигови, кои извираат од длабочината на душата. А на сцената, секогаш има место за добар хит. Сцената живее за хитот, не обратно.

Ќе се вратиш ли на музиката?

-Никаде не сум ни отишол, за да се вратам. Музиката ја носам со себе секаде. Таа е мојата вечна девојка, од која сум сигурен дека нема да заминам. А и таа ми возвраќа со љубов, дури и повеќе отколку што заслужувам. Ние сме идеален пар кој кога ќе се појави во јавност, не поминува незабележан… Тоа се тие парови од соништата…

Дали твоите песни се автобиографски или се само момент на инспирација?

-Секако дека човек никако не може да се оддели од себе и во секое дело има присуство на автобиографија. Но, гледам во текстовите да нема експлицитна исповед. Од личното намерно скршнувам, понекогаш за да го разубавам, а понекогаш за да ја скријам реалноста од ред причини. Не сакам да сум предмет на набљудување, а најмалку мојата интимна состојба, која има конструкција покомплицирана и од Ајфеловата кула.

Што мислиш за македонската поп-сцена?

-Би почнал со светот. Поп-сцената  е посебна појава. На некој начин, таа е социјален феномен за набљудување. Тука се сретнуваат нескротливите  желби да се стане славен по секоја цена, бизнисите што се разменуваат околу ѕвездите (било да се квази ѕвезди или вистински), се кршат етички и морални кодекси итн., итн… Тоа е светот на комерцијалното, кој секогаш доживува трансформации, и прогресивни но и дегенеративни. Во мигови кога вкусот на новите генерации со воодушевување ја препознава лошата музика како најдобра, значи дека има проблем. И тоа на глобално ниво. Секако, ние не сме исклучени од светското поле на киксови, но кај нас сè уште доминираат талентирани музичари. Јас ја обожавам македонската музичка сцена генерално, вклучувајќи ја тука и поп-сцената. Македонскиот народ е толку музикален. И можам да кажам дека сè уште се држиме добро, имаме одлични млади таленти, а старите хитови се ненадминати, вечни…

Имаш ли неостварени желби за музиката?

-Да, да го поканам на сцена Фреди Меркјури како специјален гостин на мојот концерт. За жал, Фреди е мртов, а јас завршив со настапи пред масовна публика.

Вљубеник си во радијата. Имаш три, одиш накај четврто. Што е тоа што те привлекува кон овој медиум?

-Радиото за мене е најсовршениот медиум. Со визуелните комуникациски концепти не се снаоѓам најдобро, но со аудио – да. Радиото е глас кој од некаде (од далеку, од високо) му се обраќа на светот, на градот, на секој поединечно, на самците дома, на оние низ сообраќајниот метеж во кола, мене, вам… на сите… Ги сакам моите радија и целата  енергија што живее во нив. Сите три се своја посебна приказна, а меѓусебно се како едно семејство. Ја обожавам мојата радиска екипа… креативци со неконтролирачки идеи кои секој ден со нешто ме изненадуваат; водители што го предводат македонскиот етер, и музика, мнооогу музика, за сите генерации. Четвртото радио го планирам и искрено не знам колку ќе го реализирам. Таа точка ќе ја оставиме за друга пригода, кога вербата ќе ми биде цврста и идејата кристално јасна.

Што слушаш приватно?

-Растев со авангарда, после со децата ги слушав нивните хитови, учев од нив што е ново, а јас им кажував како да препознаат добра музика. Често дома свирам пијано, може да ме чуете како пеам балади, но и блуз (на клавирот слободно му дозволувам да рие по најдлабоката тага). Ги сакам Боуви, и Елтон Џон, и Морисеј, и Колд плеј… the one and only U2…и сите што ја диктираат историјата.

Успеваш ли да ги менаџираш обврските дома и на работа? Имаш син 19 години и помал син и принова на пат?

-Не знам дали успевам. Секогаш си мислам дека децата ми пораснаа дури да трепнам. Бргу поминува детството и кога ќе го видиш детето порасното, мислиш дека требало  да поминеш повеќе време со него. Тоа е можеби она родителско чувство: на тага –  кога се простуваш од детството на детето, и на радост – кога ќе го видиш пораснато… Искрено, растргнат сум, но се трудам да сум тука за сите.

Дали твоите деца се музикални?

-Да. Марко, мојот поголем син, учеше пијано и сега го свири добро тој инструмент. Денес се занимава со информатика, верува во моќта на вештачката интелигенција. Помалиот син Давид обожава музика… за музичари, знам дека нема да бидат (барем  за големиот син знам), но повеќе од сигурен сум дека тоа се деца што многу сакаат музика. Кај мене дома секогаш има музика и никогаш не е апсолутна тишина. Радиото е вклучено и кога не сме дома.

Не си експониран во јавноста. Бегаш од скандали или скандалите бегаат од тебе?

-Не мора да значи дека присуството во јавноста секогаш мора да е поврзано со скандали. Не бегам од јавноста, туку сметам дека мојот бизнис, моите радија и сè со што се занимавам има свој тек, кој не е поврзан со моето појавување во јавност. Успехот не се базира врз општото присуство по медиуми, бесцелно експонирање, докажување… Резултатите од она што го работам значат многу повеќе од сликање наоколу.

Важиш за еден од најелегантните јавни личности. Колку имиџот е битен за еден пејач или бизнисмен?

-Јас ги почитувам сите, и оние што се грижат за својот изглед, но и оние што го запоставуваат. Не секогаш, грижата за надворешниот изглед помага во патот до успехот. Денес може да видите врвни режисери или уметници на кои апсолутно не им е битно како изгледаат. Можеби на уметниците им е дозволено сè. Но, кај бизнисот е малку поинаку. Тука има кодекси на облекување, правила на однесување и сл. За мене елеганцијата оди во чекор со достоинството и со културата. Благодарам ако сум окарактеризиран како еден од најелегантните, ќе се потрудам да остане така.

Лејла Сабит    Фото: Борис Грданоски