Дани на „Макфест 2018“: Новата модна кралица на попот


Низ годините, секогаш беше на врвот на мојата листа на најдобро облечени поп-ѕвезди. Сама ја избираше гардеробата, без стилист. Тенка е линијата од фина елегантност до рокерска откаченост.

На фестивалот „Макфест 2018“, кој викендов се одржа во Штип, Дани со својата нова вита става, соодветна шминка и фризура и во светлосивата долга тоалета на дизајнерката Јована Филиповиќ стана новата модна кралица на попот.

– Моделот е колекција есен-зима 2017. Црпи инспирација од илустрациите на познатиот руско-француски артист Ромен де Тиртоф-Ерте. Фустанот е изработен од свила, а на грбот се имплементирани златни додатоци, како фин завршеток на целата приказна – ни изјави дизајнерката Филиповиќ која сега живее и работи на релација Скопје-Фиренца каде што е на мастер-студии на Универзитетот за мода „Полимода“.

– Првпат остварив соработка со Дани, се надевам не и последен, зашто е смела, инспиративна, со изграден стил – додаде Филиповиќ.

– Тоалетата не беше специјално шиена за фестивалот. Истражував меѓу македонските колекции и, кога ја видов, знаев дека е за мене – вели Дани.

– Најважни ми се удобноста и пријатноста на тоа што го носам, потоа составот, односно квалитетот, бојата… Од обувки преферирам патики, но секогаш имам чевли со високи потпетици кои ги купувам наменски – знаеше да изјави Дани во интервјуата.

На „Макфест 2018“ Дани ја освои третата награда на овој фестивал со песната „Време“. На овој фестивал и ја започна кариерата. Претходно зеде две награди на „Макфест“ – втора за песната „Најдобра“ и за интерпретација.

Беше регионален победник во категоријата „Нови звуци на Европа“ на Ем-ти-ви, специјална гостинка на престижните европски музички награди во Минхен, Германија, како прва поп-пејачка од Македонија, позираше на црвениот килим како Бијонсе и Џастин Тимберлејк, стана заштитно лице на кампањата за борба против сидата „Да се остане жив“, беше највртен наш изведувач на „Ем-ти-ви Адриа“, со најпозитивни критики за својот изглед и стајлинг.

Pок-ѕвездата со безвременски хитови, уште отсега се подготвува за настап на познат џез-фестивал во Александрија, Египет, во март следната година. Пред тамошната публика Дани ќе ја испее насловната песна од актуелниот албум „Град за љубов“, кој го промовираше лани и за кого годинава на „Златна бубамара на популарноста“, доби награда за албум на годината.

Лејла Сабит Фото: Приватна архива