Кристијан Даниловски, Фх3х: Државните субвенции во филмската продукција во Македонија се најмали во регионот


Државните субвенции во филмската продукција во Македонија изнесуваат 20 проценти од вредноста на проектот и се најмали во регионот. Но, и таа можност е дадена само на хартија, оти во пракса не функционира, што ја отежнува конкурентноста на македонските компании, вели во интервју за МИА Кристијан Даниловски, еден од сопствениците на компанијата за анимација и визулени ефекти ФХ3Х.

– Кај нас субвенциите се 20 проценти, но има делови на законот што го прават прилично неприменлив во нашата дејност. Проблем е што законодавецот не предвидел дека продуцентската куќа, која е носител на проектот, може да биде и давател на услугата како во нашиот случај. Па затоа мора да се вметнуваат фирми посредници меѓу нас како давачи на услугите и странските студија што се корисници на услугите, а тоа само по себе генерира други трошоци што самата државна субвенција ја прават многу неконкурента. Кога би се тргнал тој еден став од законот можноста за конкурентност ќе биде многу поголема. Така што засега нашата конкурентност останува на нас самите, но се бориме на наш начин и се обидуваме да се справиме со таквите состојби на пазарот, вели Даниловски.

Според него, Македонија во оваа област заостанува и во однос на регионот.

– Дури и во регионот, на пример во Србија ваквите државни субвенции се покренаа на над 25 проценти. Кај нас таквата можност постои на хартија, меѓутоа, за жал, се уште не успеавме да функционираме како што треба и покрај тоа што е пониска од онаа во Србија, оценува Даниловски.

Во однос на Холивуд, кој е единица мерка за глобален успех, нагласува, реално конкуренцијата е огромна бидејќи пазарот е еден – тоа се шесте холивудски студија, што сега се пет, откако студиото „Дизни“ го купи студиото „21st Century Fox“.

– Притисокот на цените е голем бидејќи се натпреварувате со компании од Кина, Индија и други места кои се многу конкурентни со цените. Уште поголем притисок се јавува од држави како што се Канада и Велика Британија каде што, пак, има големи државни субвенции. Во Канада тие се преку 40 проценти од трошоците што им се враќаат на холивудските студија. Во Велика Британија тој процент е некаде преку 25 проценти, а имаат и ставки и до 30, па и 40 проценти, нагласува Даниловски.

Тој во интервјуто за МИА говори и за очекувањата од годинашното 90. оскаровско издание, каде имаат работено на визулените ефекти на три од петте номинирани филма, за успесите на компанијата на чие конто во над 20-годишниот растеж е заведена работа на оскаровски филмови, како и на култни наслови од СФ жанрот и едни од најпосакуваните франшизи – Star Wars и неколку епизоди од серијата Star Trek Discovery, минатата година.