Дамјан и Фросина на „Егзит 2018“: Се забавувавме лудо


Дамјан Корубин, сопственик на агенцијата „Дивиан артс“, трета генерација од познатото уметничко семејство Корубин и неговата девојка, која е менаџерка и модна блогерка, Фросина Дамјановска, наместо одмор покрај море и плажа, го избраа Нови Сад за летна дестинација.

– Оваа лето одлучивме првпат да го посетиме еден од топ 10 фестивалите во Европа – „Егзит“. Позитивно сме изненадени од големината и организацијата. И по неколку дена, фестивалската еуфорија и импресиите сè уште постојат. Атмосферата со огромните, фасцинантни бини на отворено небо не може да се опише со зборови – вели Корубин.

Осумнаесеттото издание на фестивалот годинава го посетија околу 200.000 луѓе за време на четирите дена, а најголемото финале на Петроварадинската тврдина беше посетено од 55 илјади луѓе.

– Имаше 11 различни стејџа со различни жанрови на музика, кои беа полни 24 часа. Главниот стејџ и Денс-стејџот беа нашите омилени локации од фестивалот за уживање во квалитетна и енергична музика. На репертоарот се најдоа толку многу познати изведувачи за кои е тешко да се одлучи кој да се посети и да се слушне. Имавме можност да ги слушнеме French Montana, Disciples, Jax Jones, Solomun, Maceo Plex, Burak Yeter, David Guetta, Martin Garrix, Alice Merton, Nina Kraviz,…  Дефинитивно „Eгзит“ ќе продолжи да биде наша традиција секоја година. Забавата и енергијата се незаборавни – раскажува Дамјан.

Двојката, за разлика од останатите фанови кои биле сместени во огромен камп во близина на градската плажа, за време на престојот изнајмиле стан во Нови Сад.

– Вторпат го посетуваме Нови Сад, кој е прекрасен град со убава архитектура и љубезни жители. Овде успеавме да ги изгледаме и финалињата на Вимблдон меѓу тенисерите Новак Ѓоковиќ и Кевин Андерсон и во фудбал меѓу Франција и Хрватска. Се израдувавме на победата на Новак, а ни беше криво за Хрватска која беше подобра, ама немаше среќа – вели Дамјан. (Л.С.)