Дамовски, Илиевски и Арнаудов одат во домашен притвор – Чавков останува во Шутка


Апелацискиот суд Скопје им ја преиначи мерката притвор во домашен притвор на пратеникот Љубен Арнаудов и на организаторите на протестите за „Заедничка Македонија“ Борис Дамовски и Богдан Илиевски, осомничени за насилствата во Собранието од 27 април минатата година.

Тие излегуваат од Затворот во Шутка, откако Апелацискиот суд ги прифатил нивните жалби, а како мерка на претпазливост на тројцата ќе им бидат одземени пасошите.

Апелациски им определи куќен притвор и одземање на пасошот и на Јане Ченто, на Иван Цветановски кој работел во кабинетот на претседателот на Собранието Трајко Велјановски и на Оливер Радулов од УБК.

По вчерашната јавна седница Апелацискиот суд одлучил поранешниот министер за внатрешни Митко Чавков да остане во притвор, Јохан Тарчуловски во домашен притвор, а отфрлени им се жалбите на Горан Ангеловски, Илија Славевски, Сашо Марковски и Вилијам Михајловски.

Апелацискиот суд денеска треба да ги разгледа и жалбите на пратеникот Сашо Василевски, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски и Митко Пешов.