Дали Врховен ќе биде спасот за моќниците: Правна сапуница околу притворите за „Империја“


Врховниот суд во петокот заседаваше, а денеска се очекува да соопшти дали осомничените бизнисмени, Орце Камчев, сопственикот на „Пелистерка“, Цветан Панделески, и Ненад Јосифовиќ ќе се бранат од слобода, по жалбите што ги поднесоа до највисокиот суд. Тие таму го гледаат спасот по донесеното правно мислење на врховните судии, кои утврдија дека СЈО не е овластен тужител.

Според непотврдени информации, одлуката била донесена во петокот, но записникот не го потпишале сите петмина судии од Кривичниот совет кои одлучувале. Од Врховниот суд не добивме официјална информација кога ќе биде соопштена одлуката за жалбите за притворите за случајот на СЈО, „Империја“.

Одлучувањето на Врховниот суд се искомплицира откако наместо од редовното јавно обвинителство како што бараше судот, одговор на жалбата испратило СЈО, бидејќи државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, ѝ го препратил предметот кој бил испратен кај него, на Катица Јанева.

„На 21.02.2019 година до Врховниот суд доставени се три предлози со кои СЈО предлага жалбите на осомничените Н.Ј., Ц.П. и Ј.К. да се одбијат како неосновани и да се потврдат решенијата на Апелацискиот суд Скопје за продолжување на мерката куќен притвор за истите лица“, бил предлогот на СЈО, но и по една недела судот ја нема соопштено одлуката за притворите. Неизвесно е како одлучиле судиите со оглед на предлогот на СЈО, обвинителство кое судиите го прогласија за неовластен тужител и од друга страна правното мислење кое е обврзувачко за советите на Врховен суд.

Во случајот „Империја“, осомничени се Орце Камчев, Сашо Мијалков и 11 други лица, меѓу другото и за измама и за перење пари. Откако Апелацискиот суд го потврди куќниот притвор за поранешниот шеф на тајната полиција, неговите адвокати подготвуваат жалба до врховните судии, за нивниот клиент да се брани од слобода.

Според правното мислење кое го утврдија врховните судии на општа седница, СЈО е неовластен тужител и не може да покренува обвиненија, да отвора истраги и презема предмети од редовното обвинителство 18 месеци по преземањето на бомбите. Двајцата обвинители од редовното и специјалното обвинителство дадоа уверување дека сите предмети отворени после рокот нема да пропаднат и ќе продолжат ако треба да се работат во редовното обвинителство, а Јовески побара од Собранието и автентично толкување на спорниот член од Законот за Специјалното јавно обвинителство. Во меѓувреме Министерството за правда подготви и нов закон кој го регулира статусот на СЈО, но невозможно е да обезбеди двотретинско мнозинство во Собрание. (Ф.Ф.С.)