Гутереш: ОН ќе останат неутрални во врска со Венецуела


Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека светската организација нема да учествува во ниту една инцијатива на групите што се формираат во врска со решавањето на кризата во Венецуела, за да ја зачува неутралноста и кредибилитетот како организација која може да им помогне на сите страни во изнаоѓање решение.

Гутереш со ова објасни зошто претставници на ОН нема да учествуваат на состанокот на Групата од Лима во Отава.

На тој состанок ќе се разговара за тоа како да им се помогне на луѓето во Венецуела, вклучувајќи и испраќање директна хуманитарна помош, соопшти кабинетот на канадскиот премиер Џастин Трудо.

Групата од Лима во август 2017 година ја формираа 12 земји од Северна и Јужна Америка: Аргентина, Бразил, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Гватемала, Хондурас, Мексико, Панама, Парагвај и Перу.