Гутереш: Односите меѓу САД и Русија слични на оние за време на Студената војна


Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска предупреди дека односите меѓу Русија и САД се влошени до ситуација слична на „онаа во која живеевме за време на Студената војна”.

Неколку дена откако САД најавија дека ќе протераат 12 руски дипломати од ОН поради случајот Скрипал, Гутереш ги повика Вашингтон и Москва  повторно да воспостават линија на комуникација со цел да се спречи каква било појава на напнатост.

– За време на Студената војна постоеше механизам за комуникација и контрола, за да се спречат инциденти, за да се осигура дека работите  нема да излезат од контрола кога тензиите ќе скокнат. Таквите механизми исчезнаа, изјави Гутереш и додаде дека тој смета оти „овие механизми повторно се неопходни“.

САД во понеделникот објавија дека ќе протераат 60 руски дипломати, меѓу кои и 12 при мисијата на ОН во Њујорк.

Со тоа се придружија на владите во Европа, кои најавија дека ќе протераат руски дипломати поради труењето на двојниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија со нервен агенс на почетокот на март во Англија.

Велика Британија ја обвини Русија за труењето на Скрипал, што Москва одлучно го негира.