Грчки медиуми: Османи во Атина, можна средба Ципрас – Заев
Јануари е месецот во кој се очекува развој на настаните во прашањето за името, објавуваат грчките медиуми и овој став го поткрепуваат со можните средби што би се случиле во следниот период.
Посета на вицепремиерот Бујар Османи на Атина, нова рунда разговори за името, посета на генералниот секретар на НАТО на Скопје и евентуална средба на премиерите на двете земји во Давос се активностите предвидени за јануари, според медиумите кај јужниот сосед.
Повикувајќи се на свои извори, телевизиите „Скај“ и „Action 24“, весниците „То Вима и „Та неа“ и дел од грчките информативни портали, јавува дописникот на МИА од Атина, објавија дека во понеделник или вторник вицепремиерот на Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, ќе ја посети Атина и ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и неговиот заменик Јоргос Катругалос.
Грчките медиуми, преземајќи ги информациите објавени во македонските медиуми вчера, објавија дека за две седмици медијаторот Нимиц, ќе одржи нова рунда разговори со претставниците на двете земји, а на 17 и 18 јануари во Скопје, по три години ќе дојде генералниот секретар на НАТО.
Според непотврдени информации во грчките медиуми, доколку има напредок во разговорите и доколку и двајцата премиери и Зоран Заев и Алексис Ципрас заминат за Давос, Швајцарија на Светскиот економски форум од 23 до 26 јануари, тогаш е многу веројатно да остварат и билатерална средба.
Во Грција, Македонија и понатаму е „жешка тема“, со оглед на тоа дека секоја партија има свој став и свои барања. Владината коалиција е со различни позиции, СИРИЗА бара сложено ерга омнес име, Независни Грци се против употребата на терминот Македонија во името, опозициските партии бараат единствена и заедничка позиција од грчката влада, грчката влада пак, од опозициските партии бара јасен став дали ќе го поддржи евентуалниот договор со соседната земја.