Грчкиот Парламент вечер треба да гласа за ратификација на Договорот од Преспа


По 16 часа континуирана расправа, во 02.30 часот по полноќ заврши првиот ден од расправата во грчкиот Парламент за ратификација на Договорот од Преспа, а продолжува денеска во 9.30 часот по локално време, јави МИА од Атина.

Доколку не се случи нешто непредвидено, вечер или во текот на ноќта планирано е да се одржи гласањето.

Иако беше најавувано како веројатно, сценариото Нова демократија да достави иницијатива за гласање недоверба на владата, сепак доцна синоќа грчките медиуми повикувајќи се на извори од партијата објавија дека такво нешто нема да се случи, а процесот во Парламентот ќе тече според предвиденото.

Во исто време, во попладневните часови закажани се и протести во центарот на Атина. Еден од т.н. Комитет за борба за грчкиот карактер на Македонија“, организацијата што стои зад протестите против Договорот од Преспа, друг од Комунистичката партија на Грција.

На расправата за ратификација на Договорот од Преспа, пријавени за збор се 205 од 300 пратеници колку што брои грчкиот Парламент.

Првиот ден од пленарната седница во грчкиот Парламентот започна со високи тонови. Од Нова демократија, Демократска алијанса, Златна зора и Независни Грци излегоа со барања и обвинувања до грчката влада, а жестоката дискусија околу процедурални прашања, заврши со отфрлање на приговорите од Нова демократија, Златна зора и Независни Грци, по што започна суштинскиот дел од расправата за ратификација на Договорот од Преспа.

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос во неговото обраќање рече дека „договорот беше постигнат благодарение на политичката храброст и раководството на Алексис Ципрас и на Зоран Заев, но и на преговарачката способност на Никос Коѕијас кој го постигна она што премиерот Самарас го сметаше за несфатливо“.