Груевски се јави повторно: Заев му се одмаздува на Чавков за „Поткуп“


Поранешниот премиер Никола Груевски се огласи повторно преку социјалните мрежи од азилот во Будимпешта. Овој пат, повод за неговото обраќање е притворањето на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков пред пресудата за 27 април, за што со нова истрага е опфатен и Груевски, како еден од организаторите на насилстваат во парламентот. Според Груевски, ова трето по ред апсење на Чавков, како и претходните две, како и целиот, како што вели, прогон против него е лична одмазда на Зоран Заев заради предметот ,,Поткуп”.
-Можам само да замислам под каква тортура и притисок во овие неколку години е и лицето бизнисмен кој го пријавил барањето мито во МВР, наведува Груевски.
Тој прави и споредба со случајот на СЈО „Тенк“ за кој беше парвосилно осуден на двегодишна затворска казна, поради што и избега во Унгарија. Посочува дека трите случаи „27 април“, „Поткуп“ и „Тенк“ ги водеше судијката Добрила Кацарска.
Предвременото апсење на Чавков само ја покажува спрегата помеѓу обвинителството и судот.
-Иако обвинителството од страна на судот треба да има ист третман како одбраната и обвинетите, бидејќи за судот и двете страни се странки со еднакви права, очигледно е и уште еднаш се покажува дека и двете се раководени од еден ист центар. Обвинителството предвреме знае, пред судијката да пресуди, дека судот ќе го осуди Чавков за виновен и предвреме бара и добива притвор за него. Митко Чавков имал надреден, се викал Нухиу, кој ако навистина со нешто се доцнело можел, имал право и должност да издаде наредба како в.д. министер за внатрешни работи. Тој не сторил ништо. Не издал никаква наредба бидејќи очигледно проценил дека се работи законски, според правилата и најбрзо можно. Но, тој не се гони. Нему Заев не му е лут за случајот „Поткуп“, пишува Груевски.
Според него, Чавков е невин и е жртва на политички прогон и монтиран процес, како и многу други лица во тој предмет кој, како што наведува, настанал како резултат на свесно и планирано незаконско бирање на претседател на Собранието, темпирано токму во време се одвиваат граѓански протести кои траеја помалку од два часа дневно.
-Чавков има нарушено здравје и со овој чекор и оваа освета свесно се ставаа во ризик неговиот живот. Токму Чавков беше директор на БЈБ, а Сашо Мијалков директор УБК кога МВР спроведе одлучна операција за спречување на ,,до заби,, вооружените и нелегално влезени на македонска територија терористи и криминалци кои планираа масовни убиства и терор над македонското население, но и терор врз некои албански политички личности и структури во Македонија кои денес се дел од владата.Таа група беше неутрализирана и спречена во намерите, во Куманово со акцијата на МВР на 9 мај 2015т година. Припадници на таа група, која има сериозна контрола во затворот „Скопје“ првин ги нападнаа и им нанесоа физички повреди на поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски токму во истиот затвор каде СДСМ сега ги смести Чавков и Мијалков. Таа група веднаш по претепувањето на поранешните министри јавно објавија на фб дека секој функционер од владата која ја предводев ќе го снајде истото како Јанакиески и Ристовски ако дојде кај нив, а дека мене ќе ме нашле ,,на крајот на светот”. Апелацискиот суд за случајот „Тенк“, по барање на СДСМ за мене одлучи во рок од два месеци од кои еден месец беа годишните одмори на судиите.За терористите од Диво Насеље не носи одлука над 16 месеци, забележува Груевски.
Тој ги обвинува СДСМ и Заев дека ги контролираат и управуваат судот и обвинителствата и преку нив се пресметуваат со политичките неистомисленици.