Груевски, Пешевски, Јанакиески и Георгиевски се изјаснија за невини за „Траекторија“


Судијата Горан Бошевски на барање на одбраната на обвинетите во случајот „Траекторија“ даде половина час пауза за да се координираат за воведните говори.

Пешевски, Јанакиески и Георгиевски пред Судот се изјаснија дека го разбрале обвинителниот акт, но оти не се чувствуваат виновни. Груевски пак рече дека го прочитал и разбрал обвинителниот предлог, но како што додаде, не се чувствува за виновен за кривичното дело.

Претходно, обвинителката од СЈО, Лиле Стефановска рече дека со противправното дејствување на кинеската компанија „Синохидро“ се стекнала со имотно-правна корист од 155.117.256 евра, а износот на штета претставува разлика меѓу износот на цена што како држава ја плаќаме на „Синохидро“ и цената што оваа компанија ја плаќа на подизведувачите.

– Обвинетиот Никола Груевски сторил кривично дело „примање награда за противзаконско влијание“, додека Јанакиески, Пешевски и Георгиевски сториле „злоупотреба на службена должноаст“. Предлагам Судот да ги прогласи за виновни и да ги казни согласно законот, рече Стефановска.

Таа објасни дека Пешевски и Јанакиески иако примиле и разгледале дополнителна понуда од компанијата „СВЕ“ понска за 4.800.000 евра од таа на „Синохидро“, не ја доставиле до Агенцијата за патишта и не ја зеле во предвид, а ја одбрале „Синохидро“ за трите автопатски делници.

Судот на почетокот на денешното рочиште го одби како неоснован предлогот на Груевски СМС пораките да бидат отфрлени како докази во постапката, бидејќи тие не можат да се ценат во оваа фаза.

И барањето за аудиоснимките и вештачењата да се користат во постапката поради неможност да се потврди нивната афтентичност се отфрли како неосновано.

Барањата се отфрлени како неосновани, затоа што за нив Судот ќе расправа во друга фаза од процесот.

На почетокот на рочиштето судијата Бошевски ги праша обвинетите дали има промена на податоците. Јанакиески кажа дека во моментов е вработен како раководител во „Пелистерка, Пешевски се води како невработен и прима апанажа, Георгиевски е невработен, а Груевски е пратеник во Собрание на РМ.

Груевски, Пешевски, Јанакиески и Георгиевски се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.

Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.