Груевски му сврте грб на барокот – се пресели во „Палома бјанка“


Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, има нови канцеларии во Трговскиот центар „Палома бјанка“, педесетина метри подалеку од раскошното седиште на опозициската партија, кое беше подигнато во негово време во барокен стил.Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека нивниот екслидер нема канцеларија во „белиот дворец“, каде што, наводно, се појавил само еднаш во последните три ипол месеци по смената на партиското кормило, односно откако за лидер беше избран Христијан Мицкоски. Од партијата велат дека Груевски е секогаш добредојден во партиската централа и дека за него во секое време ќе се најде слободна канцеларија.

Вработени во „Палома бјанка“ ни потврдија вчера дека Груевски закупил простор во овој објект. Сепак, на влезот на канцеларијата, која е сместена на третиот кат, нема никаков натпис. Има само безбедносни камери, налепница за обезбедување и сандаче за пошта. Нашите соговорници велат дека Груевски таму доаѓал често, но не секој ден, а одвреме-навреме се појавувале и некои од неговите соработници. Но за време на нашата посета, канцеларијата беше затворена.

„Просториите не се отворени секогаш во исто време, ама секојдневно таму се вртат луѓе“, велат вработени во „Палома бјанка“.
Иако подолго од две години не е премиер, Груевски и сега користи дел од државните привилегии како поранешен претседател на Владата, односно има на располагање шест телохранители, службен автомобил и возач. Ова му е овозможено со Законот што беше донесен пред околу пет години, кога мнозинството во парламентот го контролираше ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш беше предвидено поранешниот премиер да ги користи овие бенефиции толку години колку што бил на функцијата, за разлика од претходно кога овој рок беше само една година. Според тоа, Груевски треба да има право на 24-часовно обезбедување и на возач некаде до 2026 година.

Откако поднесе оставка од челното место во ВМРО-ДПМНЕ, Груевски не може да се види често во јавноста. Неговиот можеби единствен настап подалеку од судниците во Кривичниот суд во Скопје, каде што за него се водат повеќе постапки што ги отвори СЈО, беше конфликтот со спикерот Талат Џафери при носењето на Законот за употреба на јазиците.Пред извесно време Груевски, излегувајќи од едно судско рочиште, изјави дека не сака да се меша во одлуките и политиките на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Проценките се дека тоа е и една од причините за неговата преселба на друга локација – за да остави впечаток дека е на пристојна дистанца од новите раководни структури на опозициската партија.


На конгресот во Валандово, Груевски беше прогласен за почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Истата таква титула, во 2003 година во Охрид, доби и неговиот претходник Љубчо Георгиевски. Сепак, Георгиевски во тоа време доби и посебни канцеларии во тогаш скромното партиско седиште. Од тоа „соседство“ малку подоцна потекнаа и анимозитетите меѓу Груевски и Георгиевски.

Груевски се огласи вчера со подолг статус на својот фејсбук-профил, каде што, всушност, им се потсмева на владините функционери што ги користат барокните објекти од проектот „Скопје 2014“, чија изградба силно ја критикуваа додека беа во опозиција.

„Власта деновиве одржа прес-конференција за буџетот во новата сала на парламентот, на новиот дограден кат, кој беше дел од проектот ‘Скопје 2014’. До вчера плукаа и викаа дека тоа било непродуктивно трошење пари. Сега, наместо да плаќаат за сали на приватните хотели, конференцијата ја одржаа во оваа нова, доволно голема и репрезентативна сала за вакви пригоди, за која сега кога ја користат не рекоа ништо лошо“, пишува Груевски. Потоа тој набројува дека за новите згради од негово време сега си молчеле и министрите за надворешни работи, за земјоделство, за финансии, а не се жалеле ниту вработените во Обвинителството и во Државниот завод за ревизија. Единствено, како што наведува Груевски, биле збунети министерот за транспорт и врски и директорот на ЕЛЕМ, чии нови простории биле спремни за вселување, ама не знаеле како сега да се вселат по, како што вели, толку плукање против зградите за администрацијата кои поранешната влада ги изгради…

Инаку, ТЦ „Палома бјанка“ беше еден од објектите на мапата на „Скопје 2014“ што требаше да бидат „преоблечени“ во барок. Сепак, започнатите активности беа запрени од новиот градски татко. Петре Шилегов ги стопираше зафатите за нови стилски фасади за 95 објекти, меѓу кои и овој.На проектот „Скопје 2014“ се однесува и еден од случаите на СЈО – „Тендери“, каде што првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска. (А.М.М.)