Груевски и Јанакиески во судот ќе ги слушаат „бомбите“ за „Космос“


Вкупно 16 разговори од таканаречените „бомби“ и десет кои јавноста ги слушна треба да бидат пуштени во судницата на кривичниот суд за предметот на СЈО со кодно име „ТНТ“. Освен прислушуваните разговори кои траат приближно час и половина, како дел од доказите се и смс-пораки меѓу обвинетите кои ги праќале договарајќи се како да го урнат комплексот на бизнисменот Фијат Цаноски.

Обвинетите на претходните рочишта ги побараа цедеата со бомбите, но судискиот совет им го одби барањето, со образложение дека обвинетите можат да ги слушаат прислушуваните разговори во судот. СЈО образложи дека обвинетите имале можност и во истрагата да ги преслушаат бомбите, но со одредени исклучоци, адвокатите и обвинетите тоа не го направиле.

Сите седуммина обвинети, меѓу кои и поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, се изјаснија дека не се виновни.

Според обвинението, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на нивниот политички противник, бизнисменот Фијат Цаноски. Обвинителите истакнаа дека обвинението ќе го докажат преку собраните материјали и докази, како и сведочења на лица и вештаци. СЈО пресметало дека со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а доплнително буџетот на општина Гази Баба е оштетен за дополнителни три милиони денари. Оштетените Фијат Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.