Груевски и Јанакиески во судот треба да слушаат како договарале да се руши „Космос“


Судското рочиште за случајот „Т.Н.Т“ за уривањето на комплексот „Космос“ денеска нема да се одржи, бидејќи обвинетите ќе вршат увид во доказите на Специјалното јавно обвинителството. Станува збор за 26 аудиоснимки од телефонски разговори, 50 СМС-пораки и едно вештачење.

Од Кривичниот суд велат дека за датумот кога ќе продолжи судењето дополнително ќе информираат.

Во случајот „Т.Н.Т“ обвинети се седум лица за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина Фијат Цаноски.

Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.

Според Обвинителството, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а дополнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.

Обвинетите на минатото рочиште се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Апелацискиот суд на 4 ноември минатата година одлучи прислушуваните разговори во случајот „ТНТ“ да можат да се користат како докази во судската постапка.