Груевски зборува за чесност и демократија
Ерол Ризаов
Груевски без око да му трепне вели ние го правевме истото што го правеше СДСМ, само заборави да каже дали исто краделе, или исто толку биле чесни колку СДСМ
Никола Груевски, најдолгогодишниот македонски премиер, проаѓа низ еден тежок период од животот. Секој ден пред Судската палата зборува за чесност, а навечер пред остатоците од партиските верници, на блокираните за сообраќај скопски улици и пред затворот во „Шутка“, држи говори за слобода и демократија. На заминување од партијата и од политиката најмногу ги употребува зборовите чесност и демократија кои најмалку ги користеше додека беше неприкосновен владетел на Македонија. Кога Груевски ќе ги каже овие два збора, секогаш го спушта погледот кон земјата. Се чувствува непријатно. Исто како и јас и илјадници граѓани кои добиваат нагон на повраќање кога ќе чујат кој тоа повикува: „држте го крадецот“ и кој ни прикажува за хунта, за режим, за диктатура… и кој тоа ни ја честита Новата 1949 година.
Деновиве бев одлучил по збогувањето на Груевски со политиката да престанам да се бавам со неговите постапки и изјави, иако последиците од „груевизмот“ уште долго ќе ги чувствуваме сите. Конечно, не ми прилегаат и никогаш не ми биле предизвик критиките на паднат, онемоќен и осамен опозициски политичар кој најавува неотповиклива оставка и на последната функција што ја има, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, соочен со тешки обвиненија и судски процеси. Секогаш предизвик ми се грешките и злоупотребите на актуелните власти. Сега главна тема би ми била истражувањата за евентуалната опасност „груевизмот“ да не го замениме со „заевизам“ или некој друг „ачикимиризам“, во што кажано најискрено не верувам. Тоа би било најтрагичната насока по сѐ она што се случи во изминатите две години. Мислам дека инсталирање режим повеќе не е можно во Македонија, што не значи дека властите треба да бидат поштедени од критика. Напротив, по обнова на демократските процеси и по ослободување на институциите на системот, по ослободување од стравот, жестокоста на критиките за многу помали грешки на новите власти ќе биде многу посилна. И треба да биде. Како што ниту една влада и власт во најдемократските земји не е поштедена од критика, така, се надевам, дека ќе биде и во Македонија по угледот на западноевропските парламентарни демократии.
Нигде злоупотребите на власта не ѝ се сервираат на јавноста од самата власт. Тоа треба да се открие и да се објави. Тоа сме го работеле и порано. Новината треба да биде во институциите на системот и во подигање на нивото на моралната одговорност на политичарите. Чинам дека јавните обвинителства во Македонија и целиот правосуден систем се охрабрени и подготвени да си ја работат својата работа професионално и непристрасно, при што многу почесто ќе се посега како мотив за истрага да бидат новинарските откритија, објавите на таканаречените „свиркачи“, воопшто нормалното функционирање на правната држава. Во изминатава година е присутна политичката волја за владеење на правото, што веќе е видливо.
Зошто тогаш Груевски сѐ уште медиумски е најактуелната личност иако е на заминување, иако е обезвластен, а постојано е во центарот на внимание на јавноста, дури повеќе и од вестите за грешките и успесите на новите власти. Затоа што Груевски знае да истресе такви работи на јавната сцена од кои не може да остане рамнодушен никој. Еве, на пример, го слушам некни по распитот во судот за голема коруптивна афера со кинеските кредити за изградба на автопатски делници. Груевски без око да му трепне вели ние го правевме истото што го правеше СДСМ. Ајде сега оди не му обрнувај внимание.
Го правеле истото, само не кажа што, дали исто краделе, или исто толку биле чесни колку СДСМ. Се разбира, Груевски не го интересира тоа што во лагата се кратки нозете, тој сѐ уште размислува како да е во предизборна кампања. Неговата споредба на еднаквата чесност на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ при изградбата на браната и хидроцентралата „Козјак“ со автопатските делници Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип дека се работи за ист инвеститор, државата Кина, и за ист начин на земање на кредитот со одлука на парламентот, е навистина очајничка одбрана дури и пред обичните граѓани кои не се разбираат ни во тендери ниту ги знаат коруптивните игри и патиштата на изигрување на законите. Прво, Груевски и неговите министри Јанакиевски и Пешевски не се обвинети за разни договори и анекси, туку за нанесена штета на државата, за рушвет, мито, корупција, награда, ова се неколку синоними со исто значење. Има во обвинението наведено и тешки злоупотреби на овластувањата.
Се работи за штета од 155 милиони евра, пари од државната каса, пари на граѓаните на Македонија. Тоа е обвинението, а не кредити и „Козјак“. Патем, за „Козјак“ имаше повеќе затворски казни. Е, сега, кога сето ова ќе го слушне Груевски, тогаш, зборува за прогон, политичка пресметка, загрозена демократија и дека денес било бетер од 1949 година. Дали по ова може да се биде рамнодушен и да не се пишува за Груевски и за неговите трагикомични обиди да продава чесност и демократија и да не прави сите недоветни.