Груби на ручек со Нимиц: Решението мора да биде достоинствено


Пратеникот на ДУИ Артан Груби, во Њујорк, имаше работен ручек со посредникот на Обединетите нации за спорот со името, американскиот дипломат Метју Нимиц.

Груби, како што стои во информацијата објавена на собранискиот сајт, му ги пренел на Нимиц сите впечатоци од интензивните средби во Вашингтон, вклучувајќи ги и опсервациите и од другите соговорници во периодот помеѓу двете меѓусебни средби.

Двајцата соговорници разговарале општо за спорот и посредништвото на Нимиц и споделиле размислувања за актуелните збиднувања.

„Ставовите на двајцата премиери вродуваат оптимизам дека решението е поблиску од кога било. Според Груби и ДУИ, конечното решение кое што ќе се постигне мора да биде достоинствено и заемно прифатливо“, се наведува во информациите

Компромисот, како што е посочено, мора да овозможи безодложна и итна интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ што ќе резултира со одржлив мир и стабилност во нашата земја и регионот, но заедно со системските реформи претставува предуслов за економски развој и општествена благосостојба.ДУИ, се наведува, целосно ги поддржува напорите на Нимиц и на преговарачите во спорот со нашиот јужен сосед.