Гризман: Играм на ниво на Роналдо и Меси, очекувам „Златна топка“


Еден од најдобрите фудбалери на светот Антоан Гризман упати критики на сметка на ФИФА, бидејќи не се најде во потесниот круг во изборот за играч на годината и наведе дека се надева на наградата „Златна топка“.

Во конкуренција за наградата „Бест“ на ФИФА се најдоа Кристијано Роналдо, Лука Модриќ и Мохамед Салах.

– Франција е првак на светот. Ние завршивме одлична работа на Мундијалот, кој е натпреварување на ФИФА. Мислам дека некој од нас требаше да влезе во изборот – Канте, Мбапе, Варан или јас, истакна францускот фудбалер.

Тој смета дека сега игра на ниво на Кристијано Роналдо и Лионел Меси и дека очекува на крајот од годината да ја добие наградата „Златна топка“, која ја доделува „Франс фудбал“.

– Имам уште три месеци напорно да работам за да ја освојам „Златната топка“, за која сметам дека е поважна од наградата на ФИФА, наведе францускот фудбалер.

Гризман во 2018 година со француската репрезентација го освои Светското првенство во Русија, а со Атлетико Мадрид ја освои Лигата на Европа и европскиот Суперкуп.