Граѓаните зовреа од игрите за парното греење
Кој ќе поставува мерачи на радијаторите, колку ќе поскапи парното греење, треба ли постоечките корисници да стават калориметри или само новите, ќе треба ли исклучените од парно да ставаат мерачи?
Ова се дел од дилемите во јавноста откако минатиот викенд Константин Димитров од МАЦЕФ, еден од креаторите на новиот закон за енергетика, објави дека сите корисници на централното греење ќе треба да стават мерачи на сите радијатори во становите.
Атмосферата кај граѓаните дополнително ја вжешти тврдењето дека мерачите треба да ги постават на сопствен трошок, а еден чини околу 50 евра, што ќе значи вкупен издаток од 200 до 300 евра за секое домаќинство.
Откако веста одекна силно во јавноста, од Владата во рок од една недела излегоа со две различни информации кои уште повеќе доведоа до забуна и недоверба кај граѓаните.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев на почетокот на неделата излезе во јавноста да објасни дека мерачи за парно треба да има, но граѓаните нема да мора сами да ги набавуваат, туку за тоа ќе бидат обезбедени средства од државата.
– Мерачи ќе има и ќе се најдат финансиски средства да бидат платени, а да не бидат на товар на граѓаните. Нивната набавката ќе биде регулирана со подзаконски акти, а граѓаните нема да имаат дополнителни трошоци – изјави Анѓушев во понеделникот и додаде:
– Ќе направиме сѐ тоа да не биде на товар на граѓаните. Мерачите се потребни за да биде јасно кој колку потрошил и кој колку треба да плати, односно да се заштитат граѓаните да не го плаќаат тоа што не го потрошиле. Ќе бидат вградени во сите објекти до почетокот на 2019 година, кога се очекува новиот закон за енергетика да профункционира со сите подзаконски акти – рече Анѓушев.
Во членот 155 во нацрт-законот за енергетика (став 4, 5, 6 и 7), пак, се вели:
(4)Уредите врз основа на кои се врши локално распределување на топлинската енергија помеѓу различни крајни потрошувачи во еден објект, за кои има еден мерен уред, се составен дел од системот за мерење на потрошена топлинска енергија во објектот и се во сопственост на крајните потрошувачи.
(5)Секој објект што се приклучува на системот за дистрибуција на топлинска енергија, а кај кој се врши испорака на топлинска енергија преку еден мерен уред на повеќе потрошувачи, мора да има вградено уреди за мерење на локалното распределување на топлинската енергија.
(6)Постапката за вградување на уредите врз основа на кои се врши локално распределување на топлинската енергија кај новите и постоечките објекти се уредува со правилата за снабдување со топлинска енергија, додека начинот за распределба и пресметка на потрошената топлинска енергија се уредува со Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија.
(7)Начинот на отчитување на уредите од ставот (4) на овој член се уредува со договорот за снабдување склучен помеѓу снабдувачот и крајниот потрошувач, во согласност со Правилата за снабдување со топлинска енергија.
Веднаш потоа со објаснување и со своја пресметка излегоа од „Балкан енерџи“, компанијата која го снабдува со топлинска енергија Скопје. Нивната математика покажа дека граѓаните со поставување на новите мерачи ќе имаат пониски сметки само доколку штедат на греење. Според пресметките на компанијата, ако успеат да ја намалат потрошувачката на топлинска енергија за 35 отсто, односно да ја намалат просечната собна температура за 5 и повеќе Целзиусови степени, тогаш ќе имаат заштеда од 120 евра за десет години, или пониски сметки за околу 4,3 отсто годишно.
Ваквите информации дополнително го зголемија револтот кај граѓаните.
Веднаш со ново објаснување повторно излезе вицепремиерот Анѓушев за да го појасни значењето на законот за енергетика во делот на мерачите, овој пат прецизирајќи дека само новите згради ќе мора задолжително да имаат мерачи, но не и постоечките, повикувајќи се на ставот 5 од членот 155 од нацрт-законот за енергетика.
– Не е задолжително поставувањето мерни уреди (калориметри) во објекти кои се веќе приклучени на дистрибутивната мрежа, односно тоа е оставено на избор на самите потрошувачи и со самото тоа ќе нема никакви наметнати дополнителни трошоци за постојните корисници – соопштија од кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Оттаму објаснија дека инсталирањето калориметри е задолжително за секој нов објект за кој е започната постапка за одобрение за градење по влегувањето во сила на овој закон.
Со тоа тој практично ја демантираше изјавата што ја даде неколку дена претходно, кога кажа дека сите ќе треба да имаат мерачи и дека за тоа пари ќе обезбеди државата.
Од „Балкан енерџи“, пак, го потврдуваат ова и велат дека поставувањето на мерачите кај секој потрошувач на постоечките објекти е потребно да биде избор на заедницата на станари или куќниот совет, со оглед на тоа дека тие паѓаат на трошок на станарите.
– На нашите корисници им нудиме можност за поставување соодветната опрема, но доколку за тоа има согласност од најмалку 80 отсто од корисниците, за што е потребно да се достави барање од заедницата на станари или од фирмата која управува со објектот – велат од компанијата.
И додека трае недоумицата кој треба, а кој не треба да постави мерачи, дали ќе плаќаме повисоки сметки и дали ќе треба да штедиме на парно греење, изиграни останаа оние граѓани што се исклучени од парното греење, a добиваат сметки за користење на топлината од цевките.
Ним во октомври годинава премиерот Зоран Заев им вети дека ќе се бара решение за проблемот, а тоа беше и дел од предизборните ветувања на СДСМ. Уставниот суд пред два дена вторпат ја одби нивната иницијатива за оценување на уставноста на оваа обврска.
– На средбата премиерот Заев соопшти дека Владата веќе бара начин за решавање на овој горлив проблем за граѓаните, согласно законските прописи, и дека во најбрзо време ќе предложи начин како ќе се отстрани оваа неправда – соопшти во октомври владината прес-служба. Во 2015 година, пак, СДСМ до Собранието достави измени на Законот за енергетика за решавање на овој проблем.
– Овие проблеми на граѓаните се дело на актуелната власт. Со дополнувањето на законот што го предлагаме бараме граѓаните што не користат парно да не плаќаат сметки и тоа да се гарантира во Правилникот за снабдување на топлинска енергија што Регулаторната комисија ќе има законска обврска да го донесе – изјави тогаш пратеник, а сега министер за транспорт и врски, Горан Сугарески. Како што информираа тогаш од партијата, СДСМ поднел предлог за измени на Законот за енергетика во интерес на семејствата што се исклучени од системот за парно греење.
Но, покрај неповолната одлука на Уставниот суд, во нацрт-законот за енергетика Владата нема решение за нив. Во ниту еден дел од законот не се спомнати исклучените од системот за парно греење ниту, пак, како ќе се третираат тие во однос на поставување на мерачи на радијаторите кои не ги користат.
Александра Спасевска