Граѓаните ажурни во пријавувањето живеалиште и престојувалиште


Граѓаните ревносно ги извршуваат своите законски обврски кога станува збор за пријавување живеалиште и престојувалиште, како и промена на адреса на стан, велат од Секторот за управно-надзорни работи во МВР, посочувајќи дека во 2018 година нема изречено ниту една глоба врз оваа основа.

Доколку физичките лица не ги почитуваат одредбите од Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, предвидени се глоби во износ од 100 до 500 евра во денарска противвредност.

Според податоците од Секторот за управно-надзорни работи, во текот на минатата година по градови се евидентирани вкупно 5.826 пријавени жители, од кои само во Скопје се 1.718 лица.

Согласно Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, живеалиште е местото во кое граѓанинот се населил со намера во него постојано да живее и во кое има обезбедено стан за живеење.

Се смета дека граѓанинот има обезбедено стан за живеење, во смисла на овој закон, ако тој или член на неговото семејство има вселив стан врз основа на сопственост или договор за закуп во согласност со законот.

Престојувалиште е местото во кое граѓанинот привремено престојува, надвор од општината во која се наоѓа неговото живеалиште.

Која е постапката за пријавување живеалиште/престојувалиште?

Барање за одобрување живеалиште/престојувалиште се добива бесплатно во Министерството за внатрешни работи. За таа цел треба да доставите потврда дека сте вработени, потврда дека децата ви посетуваат училиште во местото каде што го пријавувате живеалиштето, дека сте сопственик на фирма во Републиката, по службена должност се прибавува препис од матичната книга на родените, обезбеден вселив стан, документ дека станот е ваша сопственост или, пак, договор за закуп на стан во согласност со закон, заверен кај нотар.

Доколку, пак, живеете во стан што е сопственост на вашите родители или деца, тогаш ќе го доставите нивниот документ за сопственост, како и изјава од родителите/децата дека ќе живеете со нив.

Надлежна институција за оваа постапка е секоја подрачна единица на Министерството за внатрешни работи според местото каде што го пријавувате своето живеалиште.

Ако, пак, се случи да се преселите од едно во друго место во државата, во рок од осум дена треба да го одјавите претходното живеалиште и да го пријавите новото живеалиште, како за вас така и за вашите малолетни деца.

За колку време се добива жителство?

Законскиот рок за добивање жителство, како што посочуваат од Секторот за управно-надзорни работи во МВР, е 15 дена од денот на поднесување на барањето.

– Доколку барањето за пријавување живеалиште се реши позитивно, се донесува решение за пријавување живеалиште, а од претходното место на живеење се донесува решение за одјавување со цел комплетирање на постапката и поднесување барање за издавање нова лична карта со новото живеалиште, велат од овој сектор.

Во врска со престојувалиштето, пак, на граѓанинот му се издава потврда дека привремено престојува надвор од општината во која се наоѓа неговото живеалиште. Граѓанинот е должен на секои шест месеци непрекинат престој во одредено место да го обнови пријавувањето на престојувалиштето.

Доколку имате намера да престојувате подолго од 30 дена надвор од местото на вашето живеалиште, должни сте да се пријавите себеси, како и да ги пријавите вашите малолетни деца во рок од три дена кај надлежната полициска станица во местото каде што престојувате и да се одјавите непосредно пред заминувањето.

За пријавувањето и за одјавувањето на престојувалиштето ќе добиете потврда од надлежниот орган. На секои шест месеци треба повторно да го пријавите престојувалиштето.

Ако сте сместени во хотел, во туристичко претпријатие, во студентски дом или, пак, во интернат, тогаш тие се должни да го пријават и/или да го одјават вашето престојувалиште. Тие се исто така должни да водат евиденција во книга за гости за сите пријавени лица.

Кога граѓаните не се должни да го пријават престојувалиштето?

Граѓаните не се должни да го пријават престојувалиштето доколку се воени лица кои престојуваат во касарни или во други воени установи, работници на Министерството за внатрешни работи во објекти за посебна намена на Министерството, осудени лица кои се на издржување казна затвор во казнено-поправните установи или во воспитно-поправните домови, лица кои се наоѓаат на лекување во здравствена организација и лица кои престојуваат во објект или во стан за одмор и за закрепнување во нивна лична сопственост.

Доколку имате намера привремено да престојувате во странство за период од три месеци до една година или да бидете на привремена работа во странство повеќе од една година, должни сте да го пријавите одењето во странство, со пополнување образец (пријава на граѓанин за престој во странство подолго од три месеци), кој може да го добиете кај надлежниот орган во местото на живеалиштето, на граничен премин или во дипломатско-конзуларното  претставништво (амбасада или конзулат) на Републиката во земјата во која престојувате.

Според Законот имате обврска да го пријавите и вашето враќање во Републиката во рок од три дена од враќањето во местото на живеалиштето. Доколку со вас носите малолетни деца, имате обврска да го пријавите и нивното одење во странство и враќањето во живеалиштето.

Што доколку престојувате во странство подолго од три месеци?

Граѓаните ако имаат намера привремено да престојуваат во странство за период од три месеци до една година или да бидат на привремена работа во странство повеќе од една година, должни се да го пријават одењето во странство, со пополнување пријава за престој во странство подолго од три месеци.

Пријавата може да ја добиете кај надлежниот орган во местото на живеалиштето, на граничен премин или во дипломатско-конзуларното претставништво (амбасада или конзулат) на Републиката во земјата во која престојувате.

Граѓаните имаат обврска да го пријават и своето враќање во рок од три дена од доаѓањето во местото на живеалиштето. Доколку со себе носат и малолетни деца, имаат обврска да го пријават и нивното одење во странство и враќањето во живеалиштето.

Ако граѓаните не го пријават заминувањето во странство, надлежниот орган по службена должност ќе врши евидентирање.

Доколку Министерството за внатрешни работи утврди дека вашата поднесена пријава за пријавување на живеалиште, односно на престојувалиште или промена на адресата на станот содржи невистинити податоци, ќе донесе решение за поништување на пријавата и за бришење од евиденцијата за живеалиште. (МИА)

Фото: Б. Грданоски