Град Скопје ќе дава до 3.000 денари субвенции за купен велосипед


Градските власти и годинава ќе даваат субвенции за купување велосипед. Советот на Град Скопје денеска одлучи максималниот износ за поединечна субвенција за купување на велосипед по лице да изнесува 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице. Ќе се субвенционира и купување на рачен велосипед и рачен велосипед со електрично помагало за лица со посебни потреби, но не повеќе од 90.000 денари по лице.

Субвенции ќе се делат по принципот „прв дојден, прв услужен“. За оваа намена од тековниот буџет се предвидени 10 милиони денари, од кои 9 милиони за набавка на велосипеди, а 1 милиони денари за набавка на рачен велосипед или рачен велосипед со електрично помагало за лица со посебни потреби.

Информација за рокот за пријавување за субвенциите и критериумите за нивно доделување, Град Скопје ќе ги објави деновиве.

Ова е една од неколкуте мерки на Град Скопје за промовирање на велосипедот како алтернативно превозно средство, а истовремено за намалување на сообраќајниот метеж и намалување на загадувањето на животната средина. (Д.Т.Д.)