Град Скопје се откажа од пајтонот


Градските власти потврудваат дека го прекинуваат проектот „Пајтон“. Причината е немањето интерес кај граѓаните наспроти големите трошоци за негово одржување. Дали кочијата и коњите ќе се продадат, или пак ќе се најде друго решение за нив, надлежните наскоро треба да донесат конечна одлука.

„Луксузот т.н. кочија чинел 100.000 евра, а речиси немало никаков интерес од граѓаните. Ние не предвидовме ниту денар за продолжување на проектот, односно го прекинуваме“, вели градоначалникот Петре Шилегов.

Според статистиката на Град Скопје, од почетокот на проектот до крајот на изминатата година, за пајтонот биле направени трошоци во висина од речиси 11 милиони денари, а приход од него имало незначителни 1,2 милиони денари.

Шилегов информираше дека дал налог и за укинување на „Луна“ дооел, кое практично имало обврска да се грижи за овој проект, кој всушност било дел од ЈП „Паркови и зеленило“.

Пајтонот низ Скопје почна да вози во 2013 година. Откако беше набавен, Град Скопје секоја година издвојуваше по 40.000 евра од буџетот за негово одржување.

За оваа атракција беа потрошени 14.000 евра, а дополнителни 18.000 евра се потрошија за набавка на двата липицанера кои беа купени од една приватна одгледувачница од Солун. (Д.Т.Д.)