Град Скопје: Исчистени се сите булевари и градски улици


Градските власти велат дека зимската служба излегла на терен веднаш по паѓањето на првиот снег. Службата ги исчистила сите булевари и улици што се во надлежност на Градот Скопје, а дополнително со сол биле поминати и т.н. „критични точки“.

Зимската служба работи со механизацијата на јавното претпријатие „Улици и патишта“, односно со 19 разновидни возила и машини (16 возила на зимска служба и 3 грејдери), а на располагање е и механизацијата на преостанатите јавни градски претпријатија. Во текот на вчерашниот ден и изутрината на градските улици и булевари фрлени се 455 тони индустриска сол.

„И во текот на денешниот ден екипите на зимската служба будно ја следат состојбата на градските сообраќајници и ќе интервенираат според потребите согласно со условите на теренот“, велат од Град Скопје, од каде потсетуваат дека во градска надлежност се булеварите и поголемите градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.

„Апелираме до сите стопански субјекти во градот и до сите граѓани, кога ќе падне снег, да ги почитуваат законските обврски и да го расчистуваат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни, односно станбени објекти“, порачуваат градските власти.