Градскиот сообраќај на тест-период


Градските власти допрва ќе одлучуваат дали јавниот превоз ќе го направат поеколошки со обновување на возниот парк со автобуси на гас или на струја. За таа цел, во наредниов период ќе се вршат анализи благодарение на отстапените два вида возила од производителите.

Од понеделник на линијата „5“ ќе почне да вози мерцедесов автобус на гас, а наскоро во јавниот превоз ќе се вклучи и автобус на струја, кој ќе сообраќа на линијата „15“. Тест-периодот за првиот ќе важи два месеца, а тој на струја од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе вози половина година.

„Мора да го најдеме оптималното решение, треба да престанеме со носење одлуки без да се согледаат реалните потреби на градот. Скопје заслужува автобуски превоз што нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните што го користат. Минатиот месец потпишавме договор за пробно користење електричен автобус за период од шест месеци, наменет за линија ‘15‘. Ова се одлични можности што ќе нѐ збогатат со нови искуства, што понатаму ќе можеме да ги користиме во планирањето на модернизацијата на јавниот градски превоз. Наша заложба е креирање јавен транспорт кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот“, истакна вчера градоначалникот Петре Шилегов кој потпиша договор со „Мак аутостар“ за отстапување на германскиот екоавтобус.

Станува збор за енергетски ефикасен автобус, наменет исклучиво за јавен превоз, со намалена потрошувачка на гас. Споредено со потрошувачката на старите дизел-автобуси, овој автобус троши речиси 50 отсто помалку гориво, што дополнително би ги намалувало трошоците на ЈСП. Најголемата предност на овој автобус е тоа што емитува значително помалку ЦО2 и речиси воопшто не го загадува воздухот. Има капацитет за 92 патници, 26 места за седење и чини 220.000 евра. Ваков тип автобуси веќе се дел од јавниот превоз во Лондон, Берлин, Париз, Виена, Мадрид, Букурешт…

Автобусот на струја пак, кој наскоро ќе се вклучи во сообраќај, е производство на израелска компанија која во соработка со кинеската компанија „Хајгер“ произведува 76 автобуси на ден. Таков тип автобуси веќе се дел од јавниот превоз во Белград, Грац, Тел Авив, а наскоро ќе се возат и во Мадрид и во Салцбург. Главната придобивка кај овој тип автобуси е тоа што нема никакви емисии на издувни гасови, што е одлична солуција за град со ниво на аерозагадување какво што има Скопје. За еден ден возење низ Скопје, електричниот автобус ќе прави трошок за електрична енергија од 21 евро, што е многу помалку отколку трошоците за дизел-гориво на двокатните автобуси, кои се околу 120 евра на ден. Во случај Град Скопје да се одлучи за ваков тип автобуси, ќе треба да обезбеди десетици локации со полначи за автобусите.

До крајот на годинава ќе се купат 20-30 автобуси

Градоначалникот Шилегов најави дека до крајот на годинава Град Скопје ќе набави 20-30 нови автобуси. Од каков тип, тоа ќе биде утврдено откако ќе се направат анализи од сите автобуси што ќе се тестираат во наредниов период.

Проширувањето, односно модернизацијата на возниот парк на ЈСП со еколошки возила е една од мерките за поквалитетен воздух во Скопје.

Деспина Трајковска-Димова