Градоначалникот на Велес демантира дека ќе поднесе оставка


Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски ги отфрли шпекулациите дека ќе поднесе оставка и информира дека останува на функцијата.

Тој на денешната прес-конференција ги отфрли шпекулациите што деновиве се шират во јавноста и рече дека нема намера да поднесе оставка и останува на функцијата градоначалник и посветен на визијата Велес да го направи поубаво место за живеење на граѓаните.

Коцевски информира дека е точна информацијата дека се соочил со личен предизвик – здраствен проблем што успеал да го надмине.

– Како што самите гледате, овде сум во општината, фокусиран на решавањето на голем број проблеми и предизвици. Точна е информацијата дека во изминатиот период се соочив со личен предизвик, со здравствени проблеми како што им се случува на многу луѓе на моја возраст, особено оние со стресна професија. И овој предизвик го надминав и повеќе од кога и да е сум посветен на визијата Велес да го направиме убаво и пријатно место за живеење. Затоа претпочитам и замолувам, наместо со шпекулации да се занимаваме заедно со вистинските проблеми на граѓаните, со вистинските предизвици, потенцира Коцевски.

Тој потсети дека Општина Велес од претходното раководство наследила вкупен долг од околу три милиони евра и затоа неговиот фокус бил насочен кон враќање на долговите и да ја доекипира со соодветни кадри општинската администрација.

Коцевски информира дека од 1 јаниари до 4 мај годинава општината вратила долгови во висина од 55 милиони и 356.981 денари. Коцевски појасни дека кон ЈКП „Дервен“ наследил и долг од 1,5 милиони евра или 90 милиони денари, а со неплатена ниту една фактура од 2013 година и појасни дека општината досега успеала да врати шест милиони и 952.235 денари од овој долг.

Тој информираше дека споредбено со првиот квартал во 2017 година, годинава реализираните приходи се за 28,68 милиони денари поголеми. Односно во 2017 реализираните приходи изнесуваат нешто над 150 милиони денари, а во истиот квартал годинава буџетот е наполнет со 179 милиони денари. Реализираните расходи се значително поголеми: во 2017 изнесувале нешто над 139,5 милиони денари, а во овој квартал се реализирани 152,6 милиони денари.

Тој укажа и на проблемот со недоволната екипираност на општината каде од вкупно 13 раководни позиции во одделенијата пополнети се само три, а празни се и двете позиции за раководители на сектори.

– Само општина без долгови може да аплицира за сериозни проекти пред домашните и меѓународните организации и пред кредиторите. Задоволен сум од она што го постигнавме. Обврските кон приватниот сектор во најголем дел се вратени. Многу сум задоволен од финансиските резултати постигнати во првиот квартал од оваа година и можам да кажам пријатно изненаден, потенцира Коцевски.

Воедно информира за повеќе започнати и проекти кои ќе следат да се реализираат во градот и општината.