Градежник ќе го води Министерството за култура
Идниот министер за култура Асаф Адеми по професија е градежен инженер, дипломирал на државниот Универзитет „Кирил и Методиј“ во Скопје и во моментов е директор на данска компанија. Тој доаѓа на предлог од неговата матична партија Беса, од крилото на Африм Гаши. Беса го доби ресорот култура откако Гаши и премиерот Зоран Заев се договорија за владина коалиција. Првично беше споменато името на Зеќирија Ибрахими, но кратко потоа тој се огласи дека не ја прифаќа понудата.
Реконструкцијата на Владата предизвика лавина коментари и забелешки, особено за овој сектор откако стана јасно дека долгогодишниот припадник на независната културна сцена, Роберт Алаѓозовски, ќе биде сменет од челното место во Министерството. Сѐ поизвесно е дека Адеми ќе го преземе кормилото на еден од најчувствителните ресори во земјава. Околу ова министерство започнаа сите негодувања и незадоволства во јавноста од владеењето на Никола Груевски. Контроверзниот проект „Скопје 2014“, кој беше најавен во 2008 година, беше спроведен токму од Министерството за култура, на кое тогаш на чело беше Елизабета Канческа-Милевска.
Во рамките на тој проект беа потрошени 670 милиони евра и беа изградени 123 згради и беа обновени многу фасади. Ако тогаш Министерството за култура преку овој проект се трансформираше во министерство за градежништво, сега за прв човек ќе има градежен инженер.
Претставници на независната културна сцена деновиве покренаа и петиција со наслов „Не – за пазарење со културата“, која досега ја потпишале нешто повеќе од 1.000 луѓе.
„На културата треба да ѝ се овозможи развој преку стратегиски планови и политики, развиени од професионалци во секторот. Само таков третман на културата може да вроди со резултати, долгорочни и стабилни, видливи во секоја пора на општествениот живот, признаени и прифатени од нејзините креатори – уметниците и културните работници, заедницата и граѓаните.
Стратегискиот развој бара анализа, долгорочен план и континуитет во негово спроведување, а не брзи и професионално неиздржани промени кои го нарушуваат процесот на развој на културата и продуцираат фиктивни ад хок резултати“, се вели во петицијата.
Во неколкуте месеци министерување на Алаѓозовски се укинаа титулата национален уметник и субвенционирањето на македонската музика, се спроведе „Новиот културен бран“ и се донесе Годишната програма за култура за 2018 година, која помина со низа контроверзни одобрени проекти. Исто така, се сменија дел од законите од оваа област. Алаѓозовски е всушност единствениот министер на СДСМ кој ќе ја напушти оваа влада, иако неговите стручни квалификации се побликсу до ресорот култура отколку тие на Адеми.
Идниот министер беше кандидат на движењето за градоначалник на општина Гостивар, а според профилот на професионалната мрежа „Линкдин“, Асаф Адеми се регистрирал како вработен во офшор-компанија под името „Инскејл глобал“. Адеми, исто така, беше и амбасадор на Македонија во Кралството Данска, а од октомври 2007 до октомври 2009 година работел и во Министерството за надворешни работи на Македонија.
Откако централниот совет на скопското крило на движење Беса го номинираше Адеми за нов министер за култура, не стивнуваат реакциите во јавноста. Токму поради овие причини преку прес-конференција реагираа од ова крило. Според портпаролката на скопска Беса, Флора Емини, сите шпекулации и реакции околу нивниот кандидат за наследник на Алаѓозовски се неосновани и тој е вистинското решение за овој ресор.
СДСМ и ДУИ го трампат ресорот образование со правда
Премиерот Зоран Заев, вчера, откако ја дозна ослободителната пресуда за случајот „Поткуп“, соопшти дека од новите коалициски партнери во Владата ја примил листата со кандидати за договорените министерски и директорски позиции и очекува таа да биде прифатена од Владата и од законодавниот дом.
„Утре ќе ја соопштам реконструкцијата на Владата. Јас сум спремен и имињата се потврдени. Тие ќе ги предадеме во парламентот и конечно ќе имаме комплетна влада“, рече премиерот Заев.
ДУИ за министер за образование и наука ќе го номинира Арбр Адеми, досегашниот заменик-министер во овој ресор, додека пак правдата ќе премине кај Рената Тренеска-Дескоска.
Арбр Адеми е роден 1985 година во Куманово. Тој докторирал минатата година на Правниот факултет во Тирана, а работел привремено како асистент на ДУТ. Седум месеци бил консултант во Министерство за труд и социјална политика. Адеми, исто така, беше и вицепремиер за европски прашања и се смета како еден од најдобрите млади кадри излезени од ДУИ во последните години.
Блерим Исмаили/Ивана Настеска