Горбачов: Дали Вашингтон навистина не сфаќа каде води излегувањето од ракетниот договор


Поранешниот советски лидер Михаил Горбачов, кој во 1987 година заедно со тогашниот американскиот претседател Роналд Реган, го потпишаа Договорот за уништување и забрана на производство на проектили со кус и среден дострел (ИНФ), ја оквалификува како „грешка“ најавата на САД за повлекување од тој Договор.

Горбачов смета дека „под никакви околности не треба да се раскинуваат старите договори за разоружување”.

– Дали тие во Вашингтон навистина не сфаќаат каде би можело ова да доведе? Напуштањето на Договорот за нуклеарни проектили од среден дострел е грешка, потенцира Горбачов.

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа соопшти дека САД ќе се повлечат од Договорот за уништување и забрана на производство на проектили со кус и среден дострел, затоа што, како што рече, Москва ја прекршува спогодбата.

Договорот е склучен во 1987 година меѓу САД и тогашниот Советски Сојуз, чиј правен наследник е Русија. Договорот го потпишаа тогашниот американски претседател Роналд Реган и последниот советски лидер Михаел Горбачов. Со него се предвидува забрана за производство, тестирање и распоредување на нуклеарни и конвенционални ракети со дострел од 500 до 5.500 километри што се лансираат од земја.