Гонзалез: Македонија мора да победи против Јапонија


Селекторот Раул Гонзалез на денешната промоција на новите дресови на ракометната репрезентација на Македонија, изрази задоволство од досегашниот тек на подготовките на тимот за СП 2019, а на претстојните пријателски средби со Србија ќе се оформи сликата за можностите на „црвено-жолтиот“ тим.

– Задоволен сум од прикажаното на тренинзите. Ќе видиме како ќе ни оди против Србија. Пријателските мечеви не се како официјалните, но верувам во овој тим. На средбите со Србија сите ќе добијат шанса, за да се подготвиме што подобро за Свестското, изјави денеска Раул.

Во однос на Мундијалот во Германија и Данска, Шпанецот вели дека треба да се оди натпревар по натпревар и да се покаже почит кон сите противници.

– Македонија мора да победи на првиот меч против Јапонија, а потоа ќе мислиме на вториот натпревар. Нема да биде лесно, против себе ќе имаме силни репрезентации, очекувам и помош од навивачите. Сакам да играме како екипа, само така можеме да успееме, додаде Раул.

Првиот пријателски меч со Србија се игра на 5. јануари од 20 часот и ќе биде отворен за публика, додека ден подоцна (6.јануари) двете репрезентации ќе одиграат меч од затворен карактер. Македонската репрезентација патува за Минхен на 9. јануари, а првиот дуел го играме на 11-ти против Јапонија.